Инцидент кај плоштадот „Скендербег“ – Спасовски: Последиците можеа да бидат уште поголеми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Протести против францускиот предлог има речиси секој ден, а тие главно се насилни. Рутата на демонстрантите е добро позната Влада-МНР-Собрание. Но, демонстрантите во изминативе два дена, иако тука нема ниту една државна институција, застанаа и кај плоштадот „Скендербег“.

Фрлаа камења и други цврсти предмети и скршија неколку прозорци на дуќани и возила. Не изостанаа навредите и погрдните зборови за Албанците. Вчера група млади од Скопска чаршија, како контра одговор почнаа да фрлаат камења, а сопственикот на хотелот кој се наоѓа во непосредна близина, Исуф Кока, извади пиштол и испука во воздух за да ги растера демонстрантите.

По само неколку минути, тој заедно со други млади момци беа приведени во полиција. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, уверува дека кај плоштадот имало доволен број полициски сили кои го спречиле инцидентот кој можел да биде од поголеми размери.

Спасовски додава дека последиците можеле да биде фатални ако полицијата не интервенирала навреме.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, побара оставка од Спасовски, бидејќи, како што вели, не презел навремени мерки за спречување на ситуацијата.

Од вчерашниот протест повредени се тројца полициски службеници, а приведени се 5 лица. Двајца од полицајците беа повредени на Плоштадот „Скендербег“.