Инцидент во Балтичкото Море: Руски брод истрела сигнална муниција кон германски хеликоптер

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Екипажот на руски брод во Балтичкото Море истрелал сигнална муниција кон хеликоптер кој бил во извидувачка мисија, објави германската новинска агенција dpa. Германското Министерство за одбрана не можеше да го потврди овој инцидент.

Германската новинска агенција dpa објави дека екипажот на рускиот брод истрелал сигнална муниција кон германскиот воен хеликоптер, кој бил во извидничка мисија.

Одговарајќи на прашања на новинарите на редовната прес-конференција во средата, портпаролот на германското Министерство за одбрана рече дека не може да потврди дека инцидентот се случил.

Засега Москва не објави ништо за наводите во германските медиуми, наведува Ројтерс.

ДПА во својот извештај наведува дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на маргините на состанокот на НАТО во Брисел накратко го спомнала инцидентот, но не навел детали.

Таа потоа на мрежата „Х“ напиша дека Русија ги проширува своите хибридни напади во Балтичкото Море и дека НАТО треба да го зголеми надзорот и заштитата на критичната инфраструктура.

Минатиот месец во период од неполни 24 часа беа оштетени два подводни кабли. Еден што ги поврзува Финска и Германија, а друг ги поврзува Шведска и Литванија. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека претпоставува дека станува збор за саботажа.

Шведска, Германија и Литванија започнаа истрага за ова прашање минатата недела, фокусирајќи се на кинескиот товарен брод Џи Пенг 3, кој го напушти руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември.