Иранските вооружени сили тврдат дека Соединетите Држави и Израел започнале да напаѓаат невооружени бродови во Персискиот Залив, јавува Скај Њус.
„Поради низа порази и немоќ да се спротивстават на силниот налет на вооружените сили на Исламската Република Иран, американско-ционистичките непријатели ги таргетираат приватните пловила и патничкиот сообраќај во Персискиот Залив“, изјавил портпаролот на вооружените сили.
„Ве предупредуваме дека, ако ова кукавичко агресивно однесување се повтори, ќе следуваат остри и одмазднички мерки“, додал тој.
Противречни извештаи за нападот
Поморската безбедносна компанија Амбреј соопшти дека во четврток американско-израелските воздушни напади биле насочени кон иранското пристаниште Бандар Ленгех, на истокот на Заливот. Според нивните информации, немало пријави за жртви ниту за оштетувања на трговските бродови.
Од друга страна, иранската државна новинска агенција Тасним јавува дека во нападот биле уништени најмалку 16 комерцијални пловила.
