Иран го отфрли предлогот на Оман за заедничко управување со Ормускиот теснец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Официјален Техеран го отфрли предлогот на Оман за заедничко регионално управување со Ормускиот Теснец, изјави висок ирански функционер за Ројтерс, со што ги намали надежите за решение на кризата што со месеци ја попречува трговијата во Персискиот залив.

Оман предложил нов регионален договор со цел да се реши спорот околу овој стратешки теснец, низ кој пред нападите на САД и Израел врз Иран во февруари поминуваше околу една петтина од светскиот извоз на нафта и течен природен гас.

Сепак, Техеран го отфрлил предлогот на Оман за заедничко регионално управување со теснецот, оценувајќи дека тој нема никакви шанси за успех.

„Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија се обидуваат да извршат притисок врз Оман за да ги спроведат своите нереални планови поврзани со овој стратешки теснец“, изјавил функционерот за Ројтерс.

Тој додал дека Иран останува на ставот дека целиот влезен пловен пат низ теснецот, како и дел од излезниот правец, треба да бидат под иранска контрола.

Според истиот извор, договор за заедничка контрола врз основа на принципот 50-50 со Оман не би бил во интерес на Иран, иако Техеран го смета Оман за важен сосед.

Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда соопшти дека нејзините сили пресретнале три нафтени танкери во Ормускиот теснец и ги принудиле да запрат, тврдејќи дека ги игнорирале предупредувањата и се движеле по „небезбедна и нелегална рута“.

Во соопштението, морнарицата на Гардата наведе дека продолжува целосно да ја контролира оваа стратешка поморска рута и предупреди дека „незаконската воена интервенција на САД“ и насоките што им се даваат на бродовите во регионот нема да останат без одговор.

Цените на нафтата во средата пораснаа за повеќе од три долари за барел, откако нападите се интензивираа повторно.

Во меѓувреме, САД и Саудиска Арабија извршија напади врз групи поддржани од Иран во Ирак, тврдејќи дека тие стојат зад нападите со беспилотни летала врз саудиски нафтени постројки. Иран возврати дека обвинувањата против него претставуваат „голема погрешна проценка“.

Американско-саудиските напади во источен Ирак се случија само неколку часа откако американската војска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана спречиле ненадеен ирански напад врз американските сили во регионот. Иранската револуционерна гарда во средата соопшти дека испукала повеќе балистички ракети кон американски воени објекти во Јордан.