Иран и САД разменија нови закани откако конфликтот во регионот ескалираше по нападите на Хутите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран и САД во неделата разменија нови закани, при што американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран ќе доживее економски колапс или ќе биде уништено неговото раководство доколку не постигне договор, додека иранската војска порача дека жестоко ќе возврати на секој нов напад.

Нема знаци дека која било страна е подготвена на отстапки во конфликтот, иако тој ја продлабочи глобалната енергетска криза, предизвика сериозни последици за големи делови од иранската економија и се прошири во нови регионални ескалации.

Во телефонски разговор со новинар на „Фокс њуз“, Трамп изјавил дека иранските лидери треба да постигнат договор, да дозволат економијата да им пропадне или да бидат уништени, пренесе новинарот.

Сепак, со оглед дека се очекува иранскиот претседател Масуд Пезешкијан оваа недела да пристигне во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации, Трамп рекол дека би бил подготвен да се сретне со него, додал новинарот на „Фокс њуз“.

Трамп повеќепати упатуваше неодредени закани за голема воена ескалација за време на конфликтот, кој започна со американски и израелски напади на 28 февруари, но досега не ги реализираше.

Претходно, иранската воена команда соопшти дека секој нов напад ќе предизвика континуирани одмазднички напади врз американските бази и интереси, како и дека регионалните сојузници на Вашингтон ќе се сметаат за страни во конфликтот. Иранската војска додаде дека има информации оти се подготвува напад, но не прецизираше за какви информации станува збор.

Сојузниците на САД во Заливот веќе претрпеа сериозни последици од војната, при што нивните градови беа под ирански оган, а нивните економии беа погодени со блокадата на клучниот поморски премин – Ормускиот теснец.

Во саботата ситуацијата дополнително се влоши, откако јеменската група Хути, поддржана од Иран, изведе ракетни и дронски напади врз главниот град на Саудиска Арабија, по ненадејните воени успеси што ги постигна во повторно разгорената граѓанска војна во Јемен. Видео на Ројтерс прикажа огромен облак црн чад од подрачјето на главниот меѓународен аеродром во Ријад.

Стејт департментот издаде безбедносно предупредување поради непријателствата со Хутите, наведувајќи дека постои можност за непредвидлива ескалација на Блискиот Исток, а Американците се повикуваат на зголемена внимателност и да бидат подготвени за можни откажувања на летови и затворање на воздушниот простор.

Од друга страна, Саудиска Арабија не го коментираше инцидентот, иако коалицијата предводена од оваа земја, која се бори против Хутите, соопшти дека спречила други напади врз кралството.

Последната ескалација на Хутите го доведе Ријад пред тешка дилема: да продолжи со воздушните напади врз групата за да спречи освојување на нови јеменски територии или да се повлече, надевајќи се дека ќе избегне напади врз критична инфраструктура.

Напредувањето на Хутите долж крајбрежјето им овозможува полесна контрола врз поморскиот сообраќај меѓу Црвеното Море и Азија, како и можност да го блокираат овој клучен поморски премин. А бидејќи Иран веќе го блокираше најголемиот дел од поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец, извозот на енергенси од Заливот сега е речиси целосно отсечен од глобалните пазари, што го зголемува уште повеќе притисокот врз цените на нафтата.

Во меѓувреме, американската блокада на иранските пристаништа го спречува Иран да ја продава сопствената нафта, што придонесува за сериозни проблеми во економијата на оваа земја.

И покрај економските последици, има малку знаци дека ќе биде обновен привремениот договор за прекин на огнот постигнат во јуни, кој пропадна во јули поради несогласувања околу неговите услови.

Иран во неделата повтори дека нема повторно да го отвори Ормускиот теснец додека не се исполнат условите од јунскиот договор како што ги толкува Техеран, а претседателот на парламентот, Мохамад Багер Калибаф, изјави дека Иран ќе мора да продолжи и со борбата и со преговорите, за да им се спротивстави на непријателте и дипломатски да ги консолидира евентуалните придобивки.