Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк остварил средба со претседателот на Владата на Словенија, Јанез Јанша, со кого разговарал за европската перспектива на Македонија, политичката и економската соработка меѓу двете земји, како и за актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа и регионот.
По средбата, Мицкоски порача дека Македонија останува посветена на европската интеграција и на реформите, но очекува процесот да се темели на исполнети критериуми и постигнати резултати.
„Не бараме привилегии и не бараме пократок пат. Бараме фер и предвидлив процес во кој постигнатото ќе се вреднува, а Македонија ќе биде почитувана како држава и партнер“, наведе Мицкоски.
Тој ја опиша Словенија како долгогодишен пријател и важен партнер на Македонија во ЕУ и НАТО, додавајќи дека двете земји имаат заеднички интерес за продлабочување на економската соработка, зголемување на инвестициите и реализација на конкретни проекти.
„Македонија нема да стои во место додека го чекори европскиот пат. Ќе продолжиме да ја развиваме економијата, да ги спроведуваме реформите и да ги зајакнуваме меѓународните партнерства“, порача премиерот.
