Соединетите Американски Држави и Израел денеска започнаа воени напади врз Иран, таргетирајќи го неговото раководство. Техеран одговори со контранапади врз американски цели низ Блискиот Исток, а двете страни најавуваат дека ова е само почеток на непријателствата. Техеран нападите ги нарече неиспровоцирани и незаконски, по што возврати со лансирање ракети кон Израел и кон неколку арапски сојузници на САД во кои се наоѓаат американски бази. Иран најавува уште посилен одговор – командантот на Иранската револуционерна гарда, Ебрахим Џабари, изјави дека наскоро ќе биде употребено досега невидено вооружување, пренесува иранската државна телевизија.
Три извори навеле дека во израелските напади биле убиени иранскиот министер за одбрана Амир Насирзаде и главниот командант на Револуционерната гарда Мохамед Пакпур. Првиот бран удари од операцијата што Пентагон ја нарекол „Епски гнев“ главно бил насочен кон ирански функционери, изјавил извор запознаен со ситуацијата. Во меѓувреме, во саботата попладне бил извршен и втор удар, чија цел биле ракетни лансери во Иран. Израел и САД започнале со нападите два дена откако индиректните преговори со посредство на Оман во Женева не донеле напредок во врска со иранската нуклеарна програма.
Израелски функционер изјавил дека мета биле иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Масуд Пезешкијан. Исходот од тие напади засега не е познат, но извор упатен во ситуацијата претходно за Ројтерс изјавил дека Хамнеи воопшто не бил во иранската престолнина, туку бил префрлен на безбедна локација. Ирански извор близок до властите за Ројтерс открил дека биле убиени неколку високи команданти на Револуционерната гарда и политички функционери. Иранските државни медиуми јавуваат дека 40 лица загинале во израелски воздушен напад врз основно училиште за девојчиња на југот на Иран, а израелската армија сè уште не одговорила на барањето да ги коментира овие наводи.
