Одлуката на Радмила Шекеринска да ја напушти позицијата втор човек во СДСМ, според Ѓунер Исмаил е добро вкалкулиран политички потег. Тој во дебатниот магазин Клик плус на ТВ21 практично го потврди ставот на премиерот и лидер на партијата Зоран Заев, дека со овој потег, таа сакала да го олесни самиот процес на кадровско обновување.
„Потегот да отвори процес, значи да помогне да се отвори процес за кадровско обновување или поинакво прегрупирање на раководни органи или други органи на партијата, или екстензии на партијата во државниот апарат, по моја оценка е одличен потег“, истакна Ѓунер Исмаил.
Внатрепартиските преструктуирања и потреси во СДСМ и тоа на неколку недели пред одржувањето на изборниот конгрес според Ѓунер Исмаил не се непознати. Тој говорејќи за актуелните состојби рече дека тие се одраз на политички став.
„Историски гледано во социјалдемократијата не се непознати овој тип на индивидуални пројавувања и тоа е нешто кое мене не ме зачудува. Нека се и најгрди критики, нека се и најнеобразложени, не барам мотиви други освен тоа дека едноставно тоа е право на некаков политички став“, вели Ѓунер Исмаил.
Токму кога владејачката СДСМ одбележува 30 години од своето постоење се соочува со политички потреси, не само со заминувањето на Шекеринска од врвот на партијата, туку и со случувањата со директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски кој вчера беше разрешен од Владата предводена од Заев, но исто така и со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој според одлуката на Општинската конференција нема да биде дел од Централниот одбор на СДСМ.
