Истрагите за „ФФМ“ и „Ботокс“ продолжуваат – обвинителот Азизи не исклучува нивно проширување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителот Фатон Азизи, кој ги води истрагите за случаите  „ФФМ“, „Ботокс“, „Адитив“, во кој е опфатена и поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, во синоќешната емисија „Click Plus“ изјави дека истрагите се во тек. За случајот „Ботокс“ се очекува вештачењето што треба ја утврди штетата предизвикана од концентрираните супстанции. Азизи не ја исклучи можноста за проширување на истрагите, бидејќи анализата на телефоните и електронските уреди открила докази дека и други осомничени лица се вмешани во овој бизнис.

„Со предметот за ФФМ и предметот за ботоксите во моментов сме во истражна фаза, од моја страна активно се преземаат дејствија. Предметот за ФФМ многу брзо ќе има епилог, додека кај предметот за ботоксите во моментов го очекуваме судското вештачење, чекаме институтот да ни даде одговор во врска со штетата од супстанциите што биле концентрирани. Ми го поставивте прашањето дали може да има проширување. Секогаш може да има проширување, од причина што, додека ги анализираме доказите што сме ги собрале во текот на процесот на анализи, има многу електронски уреди, телефони, од кои извадивме докази дека има и други лица кои биле вмешани во еден таков бизнис, да речеме, класичен бизнис“, вели Фатон Азизи.

Азизи зборуваше и за случајот со адитивите, кој се наоѓа во фаза на судска постапка. Според него, во моментов се разгледуваат доказите на обвинителството, додека по завршувањето на сведочењето на економскиот вештак, судот се очекува да продолжи со изведувањето на материјалните докази.

„Случајот „Адитив“ во судска постапка. Тоа е сложен предмет, се наоѓа во судска фаза, сме во фазата на испитување на доказите на обвинителството, привршуваме со економскиот вештак и мислам дека следната фаза ќе биде фазата на испитување на материјалните докази на обвинителството“, вели Фатон Азизи.

За време на истрагата за случајот „Адитив“, во телефонот на еден од обвинетите биле откриени и комуникации на поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, вели Азизи. Според него, постои сомневање дека преку овие комуникации биле откриени класифицирани информации, кои биле дадени на незаконски начин. За случајот веќе има првостепена одлука, додека конечната одлука се очекува по разгледувањето на предметот од страна на Апелацискиот суд.