Пашоли побара вклученост на опозицијата во ЕУ-процесот – Мицкоски: Ве повикувам да бидете дел од дијалогот што го водиме со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Каде се наоѓа Македонија во евроинтегративните процеси, што сме постигнале, што ни пречи за натамошно продолжување на европскиот пат и дали има конкретна стратегија за излез од ситуацијата во која се наоѓаме. Пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли со директно прашање до премиерот Мицкоски за европскиот пат на земјава, особено по неодамнешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија Муцунски и Чамова, но и од пораките на еврокомесарката Урсула фон дер Лајен при посетата на земјава. Таа отворено побара вклученост на Собранието во овој процес, особено на опозицијата.

„Која е конкретната стратегија за деблокирање на ситуацијата  околу преговорите со Европската унија. Дали имате обезбедено некоја гаранција од Европската унија или од бугарската страна за да се овозможи промена на актуелната состојба. Ако не, кои се очекувањата и кој е рокот каде што предвидувате дека Северна Македонија треба да преземе следен чекор во преговорите“, порача Арбана Пашоли.

Премиерот Мицкоски одговори дека Европската унија останува приоритет за нашата земја и притоа ја повика опозицијата да биде дел од тимот за преговори со Бугарија. За тоа што ќе се преземе натаму тој рече дека ќе се бара од нашиот источен сосед да го прифати Акцискиот план за малцинства без кој и не можат да се почнат преговорите.

„Во овој дијалог кој што го водиме со Бугарија, јас апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии предложите претставници да бидат дел од тимот кој што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Бидејќи ме прашувате што сега ќе правиме, ќе водиме дијалог за усогласување на Акцискиот план за малцинства кои што 26 земји членки во Европската унија го прифатија како таков и го прифатија како европски документ освен една земја членка, тоа е Бугарија“, вели Христијан Мицкоски.

Во однос на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија минатата недела министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имаше средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова, на која што самиот Муцунски рече дека немало напредок во разговорите.