Нашите државјани кои живеат во Италија се соочуваат со проблеми со возачките дозволи. Со промената на името на државата, италијанските власти не ги признаваат возачките дозволи издадени од Македонија, а во отсуство на нова спогодба, многу иселеници кои работат таму ризикуваат да ги загубат работните места.
Оние кои возачката дозвола ја имаат со името Северна Македонија, имаат рок од една година по добивањето престој на Апенинскиот Полуостров да ја заменат со италијанска дозвола, но тоа е невозможно без нов договор.
„По еден месец ќе направам една година откако живеам како жител во Италија и потоа немам право да возам, да управувам автомобил ниту автобус, ништо. Има големи казни, одземање на возилото што го управувате и тоа ми создава проблем бидејќи треба да почнам од почеток за сите категории што сум ги имал.“, изјави Бесир Есати.
Околу 4 илјади наши граѓани кои живеат во Италија го имаат овој проблем, а нивните жалби ги упатиле до Амбасадата на Македонија во Рим.
Во меѓувреме, дел од иселениците се принудени повторно од почеток да полагаат за возачка дозвола во Италија, што им одзема многу време и финансиски средства.
„Амбасадата на Македонија во Рим прифати, мислам само од мене, на секои две недели да добива информации дали има некаква промена или решение. Јас редовно се јавувам. Но, замислете 4 илјади лица кои го имаат истиот проблем, кои ја повикуваат Амбасадата, а таа ни вели дека во моментот не може да се изврши конверзија и не ни дава никаков датум кога ќе има епилог.“, изјави Есати.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека одржале состанок со претставници на Амбасадата на Република Италија во Скопје со цел забрзување на целиот процес, кој е доста сложен, но уверуваат дека несогласувањата наскоро ќе бидат надминати.
„Работиме на склучување билатерална спогодба за признавање и замена на возачките дозволи со Република Италија. Во тек се преговори за усогласување на текстот на нацрт-спогодбата меѓу двете влади, при што Министерството за внатрешни работи вложува големи напори таа да биде завршена што е можно поскоро. Со тоа би се постигнало долгорочно решение за нашите граѓани кои работат и живеат во Република Италија.“, велат од Министерството за внатрешни работи.
И граѓаните на Македонија кои патуваат туристички во Италија треба да имаат меѓународна возачка дозвола или официјален превод на италијански јазик, бидејќи само македонската возачка дозвола не е доволна.
Некои туристи веќе пријавиле дека компаниите за изнајмување автомобили одбиле да им дадат возило бидејќи нивната дозвола не била признаена во системот.
На граѓаните им се препорачува да обезбедат меѓународна возачка дозвола пред патување во Италија или други земји од Европската Унија, како и да ги проверат условите со компанијата од која планираат да изнајмат автомобил.
