Скопското Кале треба да добие нова содржина и функционалност, со ставање во функција на Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период, како дел од културната понуда на Скопје, кое во 2028 година ќе биде Европска престолнина на културата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во завршните активности за обновување и адаптација на двата музејски објекта. Тој најави дека Владата ќе им обезбеди финансиска и логистичка поддршка на надлежните институции за Калето да добие изглед и содржини што ќе го направат значајна туристичка дестинација.
„Очекувам во периодот којшто следи практично калето да го добие оној лик и функционалност каква што ја заслужува“, изјави Мицкоски, додавајќи дека целта е локалитетот да стане „една од неколкуте исклучително ретки и важни туристички атракции тука во Скопје“.
Според најавата на премиерот, активностите за понатамошно уредување треба да започнат годинава, а доколку се одвиваат според планот, Калето би требало да го добие посакуваниот изглед во текот на следната година.
„Знаеме дека Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме позади институциите и финансиски и логистички“, рече Мицкоски, посочувајќи дека досегашното хортикултурно уредување не е доволно за искористување на потенцијалот на локалитетот.
Според објавените информации, археолошките истражувања на Скопското Кале, започнати во 2007 година, откриле повеќе од 5.000 археолошки предмети. Дел од нив со години се чувале во несоодветни услови, а со ставањето во функција на двата музеја се очекува да бидат изложени и достапни за јавноста.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, соопшти дека за санацијата и адаптацијата на објектите биле обезбедени 8 милиони денари. Работите опфатиле интервенции во повеќе области, вклучително и архитектурата, електричните и машинските инсталации.
Паралелно, во завршна фаза е постапката за прогласување на Калето за културно наследство од особено значење, во категоријата големо значење. Според објавените информации, со предложеното решение се предвидува поделба на надлежностите меѓу Градот Скопје и Археолошкиот музеј, кој би управувал со двата музејски објекта.
Мицкоски најави и дека по целосното уредување и ставањето на локалитетот во функција се предвидува наплата на влезници. „Нормално е дека ќе се наплаќа. Не сега, туку кога ќе биде пуштено, кога ќе биде средено, како што е секаде во светот“, изјави премиерот.
