Италијанскиот министер за надворешни работи: Ќе го обновиме „Шенгенот“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека Рим ќе ја обнови примената на Шенгенскиот договор со Шпанија штом помине заканата од нов прилив на мигранти од Африка, опишувајќи ја реакцијата на шпанскиот премиер Педро Санчез на привременото суспендирање на Шенген како „целосно неприфатлива“.

Тајани во интервју за „Ла Стампа“ изјави дека Италија не предизвикала никаков проблем со суспендирањето на Шенген, туку дека тоа го сторила во согласност со европските договори, по вонредните настани во шпанската енклава Сеута.

Кога беше прашан дека Сеута не е дел од Шенген зоната и дека италијанската мерка е само симболична, Тајани рече дека тоа не е вистина.

„Сеута не е дел од Шенген зоната, но е шпанска енклава, а Шпанија е дел од Шенген. Ризикот, како што наведува и шпанскиот печат, се секундарните движења на мигранти кои не се Мароканци. Каде одат тие по пристигнувањето во Шпанија? Италија, како дестинација, е најизложената земја. Ние не сме Германија или Норвешка“, рече тој.    

Тајани рече дека околу 15 нелегални мигранти кои претходно пристигнале од Шпанија веќе биле запрени во Италија.

„Потребен е малку ред. Ние не сме против Шпанија, но имаме обврска да ги заштитиме нашите граници. Нема сомнение дека пристигнувањата од подсахарска Африка претставуваат закана. Самата шпанска полиција привела сомнителни лица“, рече Тајани.    

Зборувајќи за пропорционалноста на италијанскиот одговор, Тајани изјави дека одлуката е донесена за пристаништата и аеродромите и дека таа се однесува на државјани на трети земји.