Народниот правобранител денеска ќе ги следи можните повреди на избирачките права за време на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. За таа цел, обезбедена е дежурна екипа која ќе прима претставки од граѓаните.
Подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Тетово ќе работи од 7 до 19 часот, односно во текот на целиот изборен процес. Граѓаните кои сметаат дека им е повредено правото на глас ќе можат лично да пријават неправилности или да се јават на телефонскиот број 044/344-082.
Од институцијата посочуваат дека за секоја пријавена повреда ќе бидат преземени соодветни мерки со цел надлежните органи навремено да постапат и да обезбедат заштита на избирачките права.
Народниот правобранител потсетува дека правото на глас е загарантирано со Уставот и мора да се остварува слободно, непосредно и со тајно гласање.
Воедно, се нагласува дека никој не смее да трпи последици поради остварувањето на своето избирачко право, додека секој обид за притисок врз гласачите или попречување на нивното слободно определување претставува казниво дело.
