Локалните избори во Штип и Пласница ќе се одржат согласно мерките за заштита на здравјето, тврди пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, по синоќешното барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ овие избори да се одложат.
Синоќа по состанокот на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката Дафина Стојановска излезе со став дека поради високите бројки на заразени нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница.
Стојановска очекува одговор во врска со сугестијата за одложување на изборите. Доколку власта одлучи да оди на избори,ќе носи одговорност за заразените и жртвите, рече таа, велејќи дека не и е јасно зошто се брза со избори за еден кандидат со мандат од само 10 месеци. Истото прашање го има и албанската опозиција.
„Ние како Алијанса и Алтернатива му предлагаме на министерот за здравство но и на владата да најдат решение со кое ќе му се продолжи мандатот на вршителите на должност во Штип и Пласница и да не се изложуваат луѓето и државата на трошок и ризик“, вели Арбен Таравари.
Од ДУИ се за одржување на изборите но велат дека на опозицијата за одложување е со цел да се избегне пораз.
„Протоколите за спроведување на изборите на 15 јули докажаа дека изборниот процес не претставуваше никаква закана за здравјето на граѓаните. Барањето на опозицијата АА-ААА-ВМРО е во функција на избегнување пораз и одговорност за тој пораз“, велат од ДУИ.
Рокот за доставување на кандидатурите истекува во сабота. СДСМ веќе го откри името на својот кандидат во Штип, атоа е Сашко Николов, а Трајче Митев е независен кандидат. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ синоќа не кажа дали нејзината партија би имала свој кандидат доколку се одржат избори. Можен кандидат на оваа партија за градоначалник на Штип се зборува дека може да биде актуелниот Иван Јордановски. Не се знае дали СДСМ ќе има кандидат во Пласница или ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Али Јахоски. Предвремените локални избори треба да се одржат на 13 декември.
