За претседателот на државата во иднина да биде Албанец, не е потребно промена на Уставот. Ова го изјави првиот човек на Собранието, Африм Гаши во Дејли Клик. Според него, доколку има висок политички консензус, претседател Албанец може да биде избран и на избори и во Собранието бидејќи и на двата начина е потребна поддршка од најмалку една или две македонски партии. Сепак, според Гаши, граѓаните и политичарите во Северна Македонија треба да го променат својот начин на размислување и да не ги гледаат работите врз основа на етничката припадност, туку на тоа кој што нуди и колку работи. Ако еден албански политичар е одличен во својата професионална работа, тогаш и Македонците би го поддржале како претседателски кандидат, вели Гаши.
-Зошто да не. Станува збор за политички договор. Сегашниот устав предвидува претседателот на државата да се избира на избори. Дури ни овој начин мислам дека не ја исклучува можноста Албанец да биде шеф на државата. Другата опција е тоа да се направи во Собранието, но и тоа не значи дека автоматски ќе биде Албанец. Дури и таму ќе бидат потребни две третини. Значи, потребен е висок политички консензус, вели Африм Гаши, претседател на Собранието.
Новинар: Но, што се случува со законот за локална самоуправа? Кога истото ќе биде пред пратениците во Собранието?
Гаши: Законот се уште не е во процедура, не е составен. Се обидуваме да се договориме пред да го пуштиме во процедура. Да видиме кои се барањата и на опозицијата, за да најдеме заеднички јазик што поминува што е можно поконсензуално.
Според Гаши, би било неправедно граѓаните да гласаат двапати за градоначалници во период од една и пол година.
Неправедно би било после шест месеци да излеземе на локални избори и да излезат на гласање сите граѓани на Гостивар, на пример, а потоа по осум месеци истите луѓе повторно да излезат да гласаат за четиригодишен мандат. Еднаш ќе излезат за осум месеци, а другиот пат за четири години.
Од таа причина, како што вели Гаши, овој закон е во интерес на сите политички партии и од власта и од опозицијата, имајќи предвид дека и од редовите на Европскиот фронт има пратеници кои претходно поднесоа оставки од функцијата градоначалник.