ВМРО-ДПМНЕ му возврати на Османи: Најмалку ни паѓа на памет со тебе да разговараме за сериозни теми, немало никаква комуникација со ДУИ за предвремени избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, дадена во емисијата „Клик Плус”, дека имало комуникација со претставници на владејачката партија во врска со можноста за предвремени парламентарни избори.

Османи во „Клик Плус“ изјави дека во различни форми се комуницирало со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и дека, според него, нема голем отпор во таа насока.

„Нормално, во различни форми се комуницирало и кај нив. Нема некој голем отпор во таа насока и очекуваме дека некаде следната пролет ќе има предвремени избори. И, ние се подготвуваме за тоа“, изјави Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја негираат ваквата информација и за ТВ21 велат:

„Немало комуникација со ДУИ за предвремени избори. А најмалку ни паѓа на памет да комуницираме со Бујар Османи за вака сериозни теми.

Бујар очигледно помеѓу две националистички и измислени теми, смислува повторно начин како да биде актуелен.“

Османи во „Клик Плус“, на прашањето дали имало официјални состаноци на кои се разговарало за предвремени избори, не сакаше да коментира и да навлегува во детали.