Избрана локацијата за национален дата-центар, еве каде ќе се гради

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Избрана е потенцијалната локација за Националниот дата-центар. Објектот најверојатно ќе се гради во близина на технолошко-индустриските развојни зони Скопје 1 и 2, на парцела без плодно земјиште и со доволно простор за евентуална изградба на фотонапонска централа.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека локацијата ги исполнува клучните услови – близина до Скопје, автопат, оптичка линија и технолошко-индустриските зони.

Изградбата ќе чини 20 милиони евра, од кои 70 проценти се предвидени за објектот, а 30 проценти за опремата. Проектот ќе се финансира со државни средства, но има и 30-процентна грантова компонента.

Владата во моментов бара меѓународен финансиер. Иако се разговарало со Светската банка, според Андоновски, таа нема да може да го финансира проектот поради некомпатибилност со барањата на Европската Унија.

Планирано е Националниот дата-центар да се гради модуларно, со можност за дополнително опремување и проширување во иднина, вклучително и за потребите на вештачката интелигенција.

Од почетокот на изградбата до пуштањето во употреба се очекува да поминат околу две до две и пол години. Опремата би се набавувала во периодот 2027-2028 година, со надеж дека дотогаш цените на хардверот ќе стагнираат или ќе се намалат.

Во моментов Македонија има само еден резервен дата-центар во Прилеп, под надлежност на Министерството за внатрешни работи. По изградбата на националниот центар, податоците од државните институции треба постепено да се мигрираат на новата инфраструктура.

Очекувањата се дека со централизирањето на податоците ќе се зголеми и нивната сајбер-безбедност, особено по повеќекратните сајбер-напади врз државни институции во изминатиот период.