Издадени 400 дозволи за фотоволтаици – „Сонцето ја носи државноста, но и енергетската независност“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сонцето ја носи државноста како симбол, знамето и химната, но денес ни ја носи и енергетската независност. Вака претседателот на регулаторната комисија за енергетика го опишува производството на електрична енергија од обновливи извори. Тој во интервју за СДК.мк вели дека издадени се 400 лиценци за фотоволтаици, со кои може да се снабдат 10 градови во земјава со струја.

„Досега имаме издадено лиценци за 437 централи за производство на струја од обновливи извори. Доминатно се фотоволтаици односно за производство на струја од сонце, но има и за ветер, вода и биогас меѓу нив. Со овој инсталиран капацитет од 2022 и 2023 година, со струја можат да се снабдат 10 градови низ земјава“-вели Бислимовски.

Македонија е на почетокот од приказната за енергетска ефикасност. Во изминатите 24 часа, произведени се 10.547 MWh електрична енергија, од кои 7.989 MWh се во термоелектраните, а 2.588 во Ветерниот парк Богданци. Поради потребата на домаќинствата и малите потрошувачи биле купени и 2.400 преку ЕСМ продажба.

Стопанската комора започна иницијативата за инвестирање во обновливи извори на енергија и надминување на проблемите со високите цени на струјата преку сопствено производство предложи и зелените пазари да се користат како извор на енергија.

„Позитивен ефект од една ваква инвестиција е дека ќе се обезбеди струја за работа на пазарите, а дополнително луѓето кои работат во пазарите ќе бидат заштитени од директното влијание на сонцето. Но, единствена дилема која се отвора при реализирање на една ваква инвестиција е дека ако фотоволтаиците се поставуваат на сегашните покривни конструкции на пазарите дали ќе влијаат на здравјето на луѓето што работат на пазарите.“, вели Марјан Ненов, електроинженер.

Според Комората, за реализација на инвестицијата мора да има тесна и координирана соработка со локалните самоуправи, како со основачите и сопствениците на зелените пазари. Во земјава, досега нема поставено фотоволтаици на зелен пазар, но на деловен објект на јавно претпријатие кое стопанисува со зелен пазар е поставено само во Битола.

Македонската берза за електрична енергија, која треба да започне во мај, се очекува да има значителни импликации за енергетскиот сектор во земјата. Овој развој со нетрпение се очекува бидејќи означува значаен чекор кон воспоставување локален пазар на електрична енергија и намалување на зависноста од надворешните пазари.

„Производителите на обновлива енергија можат да учествуваат во размената на електрична енергија и да тргуваат, обезбедувајќи им платформа да ја продаваат својата енергија и да заработат приходи. Ова може да го поттикне развојот на проекти за обновлива енергија во Македонија, да промовира одржливи енергетски практики и да придонесе за транзицијата на земјата кон поеколошки енергетски систем.“, вели Стефан Вељановски.

Бумот на фотоволтаици ја намали и енергетската зависност на државата. Досега државата набавувала околу 30% струја за сите потрошувачи, а денес процентот е значително намален и увезуваме само околу 11%.