Дарко Митревски ќе снима продолжение на „Бал-кан-кан“ со ол-стар кастинг: Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова дел од екипата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Режисерот Дарко Митревски најави нов филм поврзан со неговиот култен филм „Бал-кан-кан“ од 2005 година. За главните улоги ги планира Сашко Коцев, Тони Михајловски и Јелена Јованова.

Митревски на средба со новинари во Скопје откри дека сценариото е веќе напишано, а во тек се подготовките за буџетот, продукцијата и екипирањето на филмот. Потоа ќе следува аплицирање за финансиска поддршка и обезбедување спонзори.

Филмот, според најавата на режисерот, ќе биде љубовна и еротска црна комедија сместена во современа Македонија, со приказна за двајца луѓе на маргините на општеството кои преку социјалните мрежи се обидуваат да го променат својот живот.

„Приказната е цинична и смешна, но во суштина не е комедија, туку горчлив коментар на нашите животи во моментов“, рече Митревски.

Работниот наслов на филмот сè уште не е откриен, но режисерот најави дека ќе биде инспириран од познат македонски шлагер.