Јавноста, пред се микро и малите бизниси, но и сите граѓани кои имаат дополнителни приходи над 2.000.000 денари, денеска не можеа на собраниската седница на Комисијата за финансирање и буџет да ги слушнат аргументите на опозициската Алијанса за Албанците на Зијадин Села зошто овој праг би требало да се зголеми. Од Алијансата се обидоа да предложат оваа сума да биде врзана со износот на минималната плата, односно да се утврдува на 138 минимални плати. Ова би значело дека во моментов овој праг би бил над 3,6 милиони денари. Немаше расправа за овој предлог, бидејќи пратениците од владејачкото мнозинство не гласаа за дневниот ред. За Илире Даути од Алијанса, ова само го покажува нефункционирањето на Собранието.
„Но искрено ви се обраќам: Зарем не ви е срам? Зарем не ви е срам вака да се однесувате кон 165.000 вработени во микро-претпријатијата? Јас навистина очекував овие два предлог-закона, но и други, да бидат предложени од ваша страна, затоа што не можете да се однесувате како да не знаете дека за истата количина леб денес се потребни повеќе пари отколку во 2020 година. Не можете да се однесувате како да не знаете дека за еден килограм месо денес се потребни 120% повеќе пари отколку што беа потребни во 2020 година.“, вели Илире Даути.
За пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојановски, негласањето на дневниот ред не е преседан, туку е опција која постои со новиот деловник. Ова го потврди и неговата колешка од СДСМ и претседателка на Комисијата Сања Лукаревска, која дополни дека со ова негласање на дневниот ред, предложените измени на двата закона, за ДДВ и Законот за добивка, нема да се најдат на дневниот ред на пленарната седница. Инаку, овие двајца пратеници, сложно, со ист одговор на новинарско прашање зошто од 2020 до сега, кога нивните партии беа на власт. иако во програмите им стои зголемување на прагот за ддв обврзник, не го сторија тоа.
„Бидејќи се наоѓаме во една економски комплексна состојба која што ние по нејзиното анализирање, а и тоа беше ветување кое што треба да се имплементира во текот на целосен четиригодишен мандат, така да во моментот во кој ќе застанеме институцијата на нозе, Управата за јавни приходи, секако дека ќе пристапиме кон исполнување на тоа ветување од граѓаните“, вели Бојан Стојаноски.
„Меѓутоа, да не заборавиме дека имавме повеќе кризи кои што пред се направија соодветни економски поместувања и веројатно заради тие причини не се успеа да се стигне да се реализира тоа зголемување на прагот, иако во разговор со сите засегнати страни, бизнис заедницата, коморите, правните лица, ова законско решение, сметам дека треба да го види светло тоа на денот.“, вели Сања Лукаревска.
Инаку, од Алијанса, во пакет со Измените на Законот за ДДВ, побараа и измени на Законот за данок на добивка со кој прагот се зголемува на четири милиони денари, со што многу би им се олеснило на малите компании во кризни времиња.
