Израелските министри за одбрана и финансии најавија планови за изградба на три нови нелегални населби во Појасот Газа, како и издвојување на повеќе од 400 милиони долари за проширување на изградбата на населби на окупираниот Западен Брег.
Со парламентарните избори закажани за 27 октомври, крајнодесничарската коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху ги засилува напорите за проширување на контролата врз териториите во окупираната Палестина и за раселување на Палестинците од нивните домови пред истекот на својот мандат, објави „Гардијан“.
Министерот за одбрана Израел Кац изјави дека има намера да формира три воени пунктови „Нахал“ во северниот дел на Газа. Станува збор за воени заедници кои со децении служеле како прва фаза за формирање цивилни израелски населби.
Министерот за финансии Безалел Смотрич најави издвојување на повеќе од 400 милиони долари за десетици нови израелски населби на окупираниот Западен Брег. Владата го одобрила фондот уште минатиот месец, но одлуката била чувана во тајност поради очекуваното противење од Соединетите Американски Држави, пренесуваат израелските медиуми.
Генерал-мајор Авив Блут, командант на израелските сили на Западниот Брег, им порача на жителите на неколку екстремистички колонистички пунктови дека „ја цени нивната работа“ и ги смета за партнери на армијата во безбедносните прашања.
Блут, кој и самиот пораснал во израелска населба на Западниот Брег, во средата говорел на состанок на таканареченото Здружение на фарми – организација што претставува населби кои се сметаат за нелегални дури и според израелското законодавство.
Според извештајот, овие пунктови имаат клучна улога во кампањите на насилство и терор што ги принудиле Палестинците да ги напуштат своите домови и земјиште низ целиот Западен Брег.
Десетици претставници на израелската политичка и воена елита, меѓу кои двајца поранешни премиери и поранешни директори на сите израелски безбедносни служби, се заканија дека ќе покренат правни постапки против владата поради поддршката што им ја дава на, како што наведуваат, еврејските терористички акти на Западниот Брег.
„Насилството на доселениците е државно насилство“, се наведува во нов извештај на Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права во Палестина. Во извештајот се наведува дека Израел ги користел доселениците за предводење на процесот на анексија, додека системската неказнивост на сторителите овозможила насилството непречено да ескалира.
Хагит Офран од израелската активистичка организација „Peace Now“ изјави дека булдожери моментално работат на најмалку седум населби кои треба да бидат населени пред денот на изборите.
Кац ги претстави своите планови за населбите во Газа за време на посета на делови од територијата што се под израелска контрола. Тој исто така ја поддржа идејата за етничко чистење на Газа преку масовно иселување на Палестинците.
„Имам намера да формирам три пунктови Нахал, кои истовремено ќе бидат и воени објекти, на местата каде што некогаш постоеја израелски населби во северна Газа“, изјави тој за телевизијата „Channel 14“.
Дрор Еткес, основач на организацијата „Керем Навот“, која го следи преземањето земјиште на окупираниот Западен Брег, истакна дека пунктовите Нахал не се замислени трајно да останат воени објекти.
„Военото присуство е само првата фаза, чија цел е да се подготви теренот за идни цивилни населби. Десетици израелски населби на Западниот Брег се формирани токму на овој начин“, рече тој.
Населбите Нахал првично биле основани во 1950-тите години во пограничните области, вклучително и околу Појасот Газа. По 1967 година, истиот модел бил применет и на окупираниот Западен Брег, најпрво долж долината на реката Јордан, а потоа и во други области.
Според заменик-началникот на Генералштабот на израелската армија, Тамир Јадаи, Израел сега контролира 65 проценти од територијата на Газа. Тоа е значително повеќе од 53 проценти, колку што беше предвидено со договорот за прекин на огнот посредуван минатата година од американскиот претседател Доналд Трамп.
Околу два милиона Палестинци кои ја преживеале војната во Газа се концентрирани на една третина од територијата што останала надвор од израелска контрола.
„Не знам како поинаку да го опишам ова освен како победа, кога контролирате 65 проценти од територијата и кога сте убиле повеќе од 70 илјади терористи овде“, изјави Јадаи.
Бројките што ги изнесе, според написот, очигледно како „терористи“ ги вбројуваат и 21.000 палестински деца загинати во израелските напади, меѓу кои и повеќе од 1.000 бебиња кои не го дочекале својот прв роденден.
