Изречени пресудите за несреќата кај Ласкарци, 14 години затвор за возачот, 4 за сопственикот, 6 за менаџерот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кривичниот суд ги прогласи за виновни сопственикот, менаџерот и возачот на Дурмо Турс за фаталната несреќа кај Ласкарци, Сарај каде живото го загубија вкупно 16 лица. Дурмиш Бељули, како сопственик на компанијата е осуден на 4 години затвор. Одговорниот за транспорт, Ремзи Мифтари е осуден на 6 години затвор а возачот Маноил Трифуновски е осуден на 14 години затвор. За виновни се прогласени и вработените во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски кои добија казна затвор од по 5 години.

„Сопственикот на Дурмо Турс иако знаел дека не смее, менаџирањето на транспортот му го препуштил на обвинетиот Ремзи Мифтари кој не поседувал сертификат за професионална надлежност во сообраќајот“. Исто така, како што рече судијката Груевска, сопственикот на Дурмо Турс не се погрижил да го провери мерачот на брзина и дозволил да се направи манипулација со овој уред, со цел да не се мери реалната брзината на автобусот.

Според констатацијата на Судот, автобусот во моментот на несреќата се движел со брзина од 99 км/ч. Освен затворска казна, судот одреди и забрана за вршење на професијата во времетраење од 5 години.
Обвинителот кој го застапуваше овој предмет, Дарко Јакимовски, вели дека не очекувале максимална казна за сопственикот на компанијата.

Незадоволни од пресудата се и роднините на жртвите.

Инаку трагичниот настан се случи на 13 февруари 2019 во близина на селото Ласкарци кај Сарај во која животот го загубија 16 патници а 37 беа повредени. Судењето започна истата година , односно на 5 септември.