Изворот загаден – стружани 6 дена без вода: Директорот на „Водовод“ поднесе оставка, ОЈО Струга отвори предмет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шести ден по ред стружани не можат да ја користат водата ниту за пиење, ниту за хигиена или готвење! Причината е загадување на изворот, поради што водата во нивните домови е матна.

Жителите се револтирани и велат дека сето ова се случува поради ископувања кои се вршат над изворот во селото Шум. Ваквата непоправлива состојба го натера директорот на претпријатието да поднесе оставка.

-Гледајќи ја оваа ситуација, сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Менди Ќира за довербата и во истиот момент поднесувам оставка, изјави Меџиат Јусуфовски, директор на ЈП Водовод – Струга.

Јусуфовски исто така кажа дека ги информирал сите надлежни институции, владата, министерствата и општината, но според него, никој не излегол во пресред на неговите барања.

Но, мерки е презема СВР Охрид.

-Се работи интензивно и ќе видиме како ќе се развива. Јавниот обвинител се занимава со случајот и ќе видиме во кој правец се движи. Доколку се најдат елементи за кривично дело, тогаш ќе има кривична пријава, вели Стефан Димовски, портпарол на СВР – Охрид.

Јавното обвинителство-Струга потврди дека е отворен предмет за да се истражат причините за заматувањето на водата.

-Во координација со МВР – СВР Струга, е издаден налог до судската полиција за да изврши инспекција на локација во селото Шум, каде се наоѓаат изворите од кои градот Струга се снабдува со питка вода. При инспекцијата треба да бидат присутни и надлежните инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарија, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе се преземат и други контроли, велат од ОЈО Струга.

Од Општина Струга засега без коментар. Градоначалникот Менди Ќира кусо изјави за ТВ21 дека многу скоро ќе има прес-конференција за медиуми и брифинг со новинарите за да ги информира реализираното во првите 100 дена од неговото преземање на градоначалничката фотелја.