Една недела пред почетокот на учебната година, министерката за образование, Весна Јаневска, меѓу другото информираше дека во учебната 2026/2027 година се запишани околу 14.500 првачиња, но тоа не е конечниот број, бидејќи до крајот на септември продолжува запишувањето на учениците од прво одделение кои го пропуштиле рокот за упис.
Во однос на оптимизацијата на училишната мрежа поради воведувањето на едносменска настава, министерката рече дека оваа година очекува по природен пат да се затворат 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња и каде, како што рече, „наводно учат“ од пет до осум деца.
„Бројката од лани е помала, но разликата која претходно ја кажав, над четири илјади, веќе се намалува. Што ќе се случи со училиштата кои немаат ученици? Ќе бидат природно затворени. Оваа година очекуваме да завршиме со бројка од дваесет и шест затворени рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои учат, наводно учат деца до пет, седум, осум – различна е состојбата во различни училишта. Она што успеавме да го направиме – во моментот имаме околу двеста паралелки помалку во основното образование и сто паралелки помалку во средното образование“, изјави Јаневска.
