Образовниот систем треба да стане клучна алка во навременото препознавање и спречување на насилството врз децата. Со оваа цел, Министерството за образование и наука го промовираше проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.
Проектот предвидува соработка меѓу повеќе институции, граѓански организации и училишта, со цел да се воспостави долгорочен механизам за заштита на децата и спречување на пренесување на насилните модели од семејството во училишната средина.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека токму семејното насилство често може да биде еден од факторите што влијаат врз појавата на врсничко насилство.
„Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при случаи на семејно насилство врз деца или нивно занемарување“, изјави Јаневска.
Во рамки на проектот, од следната недела ќе започнат обуки за училишни психолози, педагози и социјални работници од основното образование. Целта е тие да се оспособат подобро да ги препознаваат знаците кај децата кои се изложени на насилство и навремено да реагираат.
Дополнително, ќе се организираат разговори и дискусии со наставници, родители и ученици за подигнување на свеста и создавање подобра комуникација меѓу семејствата, училиштата и институциите.
Врз основа на искуствата и препораките од овие активности, ќе биде изработен и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство, со алатки за проценка на ризик.
Во проектот ќе бидат вклучени и Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, како и Комората на психолози.
Целта на иницијативата е создавање побезбедна училишна средина во која проблемите ќе се препознаваат навреме, а децата ќе добијат соодветна поддршка и заштита.
