Пештерата Врело во кањонот Матка испиша нова страница во историјата на светското спелеонуркање. Полскиот нуркач Бартломиеј Питала успеа да се спушти на длабочина од неверојатни 338 метри, со што Врело стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот.
Историскиот подвиг беше остварен на 16 октомври, во рамки на меѓународната експедиција „Врело 2026“, која се одржа од 10 до 17 октомври, со учество на 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.
Со ова нуркање беше надмината досега истражената длабочина од 287 метри, достигната во 2025 година. Питала успеа да навлезе дополнителни 51 метар во подводните длабочини на Врело, надминувајќи го и претходниот светски рекорд од 312 метри, поставен во француската пештера Фонт Естрамар.
Рекордното нуркање претставувало исклучително сложен и ризичен потфат. Целата операција, вклучувајќи го спуштањето, враќањето на површината и неопходната декомпресија, траела речиси девет часа.
Со овој историски резултат, кањонот Матка и пештерата Врело повторно го привлекуваат вниманието на светската јавност, отворајќи нови прашања за тоа какви тајни сè уште се кријат во неистражените подводни длабочини на ова природно богатство.
