Јаневска: Политичкото образование треба многу повеќе да биде застапено во Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Политичката свест на граѓаните и нивната ангажираност во политичкото уредување, играат важна улога во обликувањето на општеството и во поставување на општествените стандарди, вредности и норми. Оттука, мојот личен став е дека политичкото образование треба многу повеќе да биде застапено во Македонија, за да имаме повеќе општествено активни граѓани и носители на промени кон подобро“.

Ова денеска го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на работилница посветена на политичката едукација и нејзината застапеност во образовниот систем, што се одржа во Собранието, а во организација на Парламентарниот институт и Националниот демократски институт.

„Формалната политичка едукација се реализира преку официјални образовни институции и според однапред утврдени наставни програми. Се темели на академски пристап и дава основни сознанија за политичкиот систем, правата и одговорностите на граѓаните, како и за историјата и теориите на политичките идеи. Но, истата е на ниско ниво во однос на практичната примена. Учениците и студентите често немаат можност
да ги применат теоретските знаења или да дебатираат на актуелни политички теми. Оваа состојба води кон ограничен интерес за политиката“, рече Јаневска.

Од друга страна пак, додаде министерката, неформалната политичка едукација опфаќа поширок спектар активности кои се случуваат надвор од традиционалните училници – младински организации, граѓански иницијативи, обуки, работилници и јавни дебати.

Како што рече, оваа форма на едукација им овозможува на учесниците да стекнат практични вештини и знаења, како критичко размислување, јавно говорење и лидерски способности. Добива сѐ поголемо значење, но сѐ уште е фрагментирана и зависна од проектни фондови, со што се ограничуваат нејзината достапност и континуитет.

„Сметам дека клучот за надминување на предизвиците е интеграцијата на формалната и неформалната политичка едукација преку воспоставување на соработка меѓу образовните институции и граѓанските организации и иницијативи, на повеќе начини, односно преку креирање интегрирани програми за политичка едукација, заеднички проекти на училишта и универзитети со граѓанскиот сектор и така натаму“, нагласи министерката за образование и наука.

На работилницата учествуваа наставници од основните училишта, а свои излагања имаа и Златко Атанасов – раководител на Парламентарниот институт, Роберт Скот Хајзлет – виш резидентен директор на Националниот демократски институт и Виктор Новаковски – надворешен експерт на НДИ, како и претставници на собраниската комисија за образование, наука и спорт.