Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека злоупотребите во високообразовните институции мора да бидат откриени и санкционирани, коментирајќи ја истрагата за сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Според Јаневска, иако електронските системи овозможуваат поголема контрола, секогаш постои можност за злоупотреба од страна на лицата што имаат пристап до нив.
„Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил“, изјави министерката.
Таа ги охрабри студентите, универзитетските вработени и граѓаните да пријавуваат какви било сомнежи за незаконско постапување во образовните институции.
Јаневска посочи дека Државниот просветен инспекторат постапува по добиените пријави и дека за неколку случаи веќе се водат судски постапки. Во конкретниот случај, како што објасни, надлежноста е кај полицијата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека полициската акција била спроведена врз основа на индиции и обезбедени докази за можни незаконски измени на студентските оценки.
„Лицето се сомничи дека спротивно на законот вршело одредени дејства за корекција на оценки на студенти на Универзитетот“, изјави Тошковски, додавајќи дека се обезбедени докази кои ќе бидат предмет на натамошната постапка.
Полициски екипи извршиле претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрагата против раководител на информатичкиот сектор на Универзитетот, осомничен за злоупотреба на службената положба и незаконски интервенции во електронскиот систем.
Според првичните информации, случајот бил пријавен од студенти од Турција. Сличен случај беше регистриран и пред неколку месеци, кога професорка беше фатена со обележани пари во врска со сомнежи за поткуп за положен испит.
Од Универзитетот „Гоце Делчев“ соопштија дека имаат нулта толеранција за корупција и злоупотреби во академската заедница и дека целосно соработуваат со Министерството за внатрешни работи и надлежното обвинителство.
Истрагата продолжува, а конечната одговорност на осомничените ќе се утврдува во понатамошната постапка.
