Јанкуловски: Решение за минималната плата нема – добриот работник има добра плата!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 изјави дека во овој момент не постои дефинитивна одлука за зголемување на минималната плата на 600 евра, нагласувајќи дека Владата засега не планира да го прифати тоа барање.

Тој посочи дека евентуалните промени во минималната плата би зависеле од договор во рамки на Економско-социјалниот совет, доколку се постигне консензус меѓу социјалните партнери – синдикатите, работодавачите и Владата.

„Во овој момент дефинитивно решение за зголемување на минималната плата нема и не се планира прифаќање на барањето од 600 евра“, изјави Јанкуловски.

Тој додаде дека пазарот на трудот е клучниот фактор кој ја одредува висината на платите, нагласувајќи дека добрите и продуктивни работници добиваат повисоки примања.

„Добриот работник има добра плата. Таму каде што има поголема продуктивност, таму се и повисоките плати“, рече тој.

Јанкуловски истакна дека бизнис-секторот се соочува со недостиг на работна сила, што дополнително влијае врз формирањето на платите, но потенцира дека решенијата не треба да се бараат во административни интервенции.

Според него, просечната плата во државата продолжува да расте и последните податоци покажуваат дека таа изнесува околу 48.000 денари.

„Пазарот на трудот ја креира генералната слика. Каде што има продуктивност, таму има и повисоки плати“, додаде заменик-министерот.