Јавниот долг на земјава кој во првиот квартал од годинава е околу 10,8 милијарди евра, во 2030-тата ќе се искачи на 13,7 милијарди евра. Ова е утврдено во Стратегијата за управување со јавниот долг која помина на Влада, а која во емисијата Бизнис 21 ја кажа заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Тој вели дека се планира појак раст на Бруто-домашниот производ, па проекцијата е до 2030-тата година јавниот долг од околу 60%, да падне на околу 57% од БДП.
„За 2027-та година околу 12 милијарди евра,12,6 во 2028-та, 2029-тата 13,2 и 2030-тата околу 13,7 милијарди евра. Овие се апсолутните бројки согласно Стратегијата за јавниот долг, но процентуално тоа би значело постепено намалување. Сега ако е околу 60 проценти, да завршиме околу 57 проценти до 2030-тата година, процентот на јавниот долг, како процент од Бруто-домашниот производ.“, вели Николче Јанкуловски.
Јанкуловски вели, освен задолжувањето од 260 милиони евра од меѓународни банки кое помина на Собрание, ниту со ребалансот не се планираат други задолжувања од странство до крајот на годинава. Вели пари за исплата на уште половината, односно 350 милиони евра од старата еврообврзница од 700 милиони, која треба да се исплати во јуни, има од претходното задолжување од 1 милијарда евра преку две еврообврзници.
„До крајот на годината значи планираме на 59,5 % од Бруто-домашниот производ да го завршиме јавниот долг од предвидените 60 проценти“.
-Добро. Тоа во пари би значело колку?
„околу 11 милијарди евра до крајот на годината“.
Јанкуловски потврди дека Јавното претпријатие за државни патишта преговара да земе кредит од 300 милиони евра. Не откри конкретно за што, туку кажа дека не станувало збор за нови, туку за финансирање на тековните инфраструктурни проекти. Тој очекува до средината на јуни ребалансот на буџетот да се разгледа на Влада. Вели ќе се додаваат пари каде што е потребно,а ќе се крати од проекти кои не одат по планот. Откри дека со ребалансот растот на БДП ќе се спушти од планираните 3,8 на 3,5%, а инфлацијата од проектираните 2,5 же се искачи на 4 проценти. Дециден беше дека нема да се продлабочува буџетскиот дефицит за годинава и ќе остане на 3,5 проценти од БДП.
