Јажинце 30 години чека да добие лекар – жителите мора да патуваат по неколку километри за прегледи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Селото Јажинце има амбуланта, но не функционира поради тоа што нема лекар. Ова село се наоѓа на границата со Косово, а спаѓа под општина Јегуновце. Жителите постојано бараат да добијат лекар, но безуспешно. Според претседателот на месната заедница, локалното население е принудено да патува до градот или другите села за да направи лекарски преглед.

„Никогаш немавме лекар, a постојано поднесувавме барања. Во моментов чекаме да дојде лекар од Министерството за здравство, но сѐ уште го нема. За прегледи одиме во Вратница, Теарце или Тетово. Далеку е, некој има средства да оди, некој нема. Се снаоѓаат како да отидат. Ние уште одамна поднесовме барање. И амбулантата ја изградивме сами, со свој придонес. Амбулантата е изградена пред 30 години“, вели Нафи Беџети.

Од ресорот здравство велат дека во текот на месецов повторно ќе отворат тендер за давање на амбулантата под концесија.

„Од Здравствен дом -Тетово информираат дека процедурите за повторното отворање на тендерот за давање на амбулантата под концесија, односно дека тендерот за давање на амбулантата под концесија ќе биде отворен во текот на месецов“, велат од МЗ.

Беџети вели дека бараат лекар уште од времето кога Бујар Османи бил министер за здравство.

„Порано старите велеа – кај што нема лекар, училиште или џамија, од тоа село треба да си заминеш, но нашето село има добра местоположба. Има пат, ги обезбедивме сите услови, но да нема лекар…. Доставивме барање и во Скопје, јас 12 години сум претседател на месната заедница. Од времето кога Бујар Османи беше министер за здравство, ветуваше дека 100% ќе ни обезбеди лекар“, порача Нафи Беџети.

„Додека министерството да обезбеди лекар, оваа амбуланта ќе остане затворена, а жителите на Јажинце ќе продолжат да патуваат со километри за да добијат медицински услуги“, вели репортерот на Тв21.

Жителите меѓу другото се изреволтирани и се чувствуваат дискриминирани за тоа што министерот обезбедил лекар за селото Вратница, но не и за Јажинце.