Јошевска и Шахиновиќ дадоа заклетва – Гаши: Изборот на Кадриу стопиран, постапката ќе се повтори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изборот на двата нови членови во Судскиот совет е вистинскиот, порача претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, веднаш откако двете новоизбрани членови на ова тело Сузана Јошевска Анастасовска и Арлинда Кадри Шахиновиќ, дадоа свечена заклетва пред претседателот на Собранието Африм Гаши.

„Сигурен сум дека добивме два врвни професионалци и дека тие ќе бидат додадена вредност на Советот и Советот ќе може конечно да застане на здрави нозе и да ја остварува својата уставна надлежност која што ја има“, порача Александар Камбовски.

Јошевска пак се обврза дека ќе работат на јакнење на Судскиот совет и враќање на неговиот интегритет. Таа претходно како адвокат го застапуваше еден од обвинетите во случајот со пожарот во Кочани, а поради нејзиниот избор се одложи и рочиштето.

„Заеднички ќе успееме да изградиме една силна институција или чекор по чекор, храбро, отчетно одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во еден позитивен правец и да се зголемува довербата во судството. Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот закон за Судски совет, да ги донесеме подзаконските акти кои што се врзани за новиот закон и од таму натаму да биде добра основа за градење со нови сили за силна институција“, вели Сузана Јошевска Анастасовска.

Покрај Анастасовска и Шахиновиќ се очекуваше избор и на Аљбан Кадриу полициски инспектор од Тетово, кој беше предложен од ВРЕДИ и кој веќе помина на Комисијата за избори и именувања, но поради донесувањето на новиот закон за Судски совет тоа се одложи. Собранискиот спикер Гаши вели дека е можно да се повтори пoстапката.

„Најверојатно се на мислење да се повтори огласот поради тоа што имаме нов Закон и ќе треба сите членови да се избираат по новиот закон. Но тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за избори и именувања“, вели Африм Гаши.

Деновиве координаторот на коалицијата ВРЕДИ Беким Ќоку изјави дека прво ќе видат дали Кадриу ги исполнува новите услови и критериуми за истакнат правник, според новиот Закон за Судски совет, па потоа ќе го достават како предлог на пленарна седница. Инаку, за докомплетирање на Советот, потребно е да се избере уште еден член кој треба да дојде како предлог од редот на судиите.