Втор ден во Охрид продолжува посетата на бугарската делегација во Македонија, предводена од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова. Таа рече дека од разговорите со Бугарите во Македонија станало јасно дека имаат голем број нерешени проблеми, но дека посетата им влева доза надеж за заштита на нивните права. Го оспорува и пописот, велејќи дека на Бугарите им се барало доказ при попишувањето дека се Бугари.
„Бугарија да застане позади Бугарите за да имаат работа, да не бидат дискриминирани. Кога ќе побараат работно место, да не го губат само затоа што се Бугари. Кога учествуваат во конкурси за некое место, да не бидат отфрлени само затоа што имаат бугарско потекло. Многу работи научивме за пописот. Јас за прв пат разбирам дека, многу срамно, дека токму малата цифра што се појави на пописот за Бугари е оти на одредени места кога се изјаснувале како Бугари, властите им барале документи дека се Бугари, што не треба да се бара. Кон останатите етнички заедници во РСМ не се барани такви документи“, вели Јотова.
Според Јотова, не може да се каже ДА на Македонија за продолжување на патот кон Европската Унија додека овие проблеми не бидат решение. Бараат писмени гаранции дека на бугарите ќе им бидат заштитени правата и ќе бидат дел од уставот. Но дали тоа е доволно за зелено светло?
„Не само тоа. Ако добро го познавате договорот за добрососедство меѓу двете држави ќе видите дека ниту една од точките внатре не е реализиран во пракса веќе 5 години. Ние ги поставивме условите за одредени точки во учебниците во средно училиште како и во изработката на методолгијата. Историската комисија меѓу двете држави треба тоа да го договори и потоа тоа да биде воведено во учебниците. Второ ние сакаме отворање на архивите и да запре гонењето на лицата само затоа што се Бугари. На трето место, нешто што за мене е многу важно е оштетувањето на спомениците во РСМ. Јас не можам да разберам како во 21 век дури и независно на процесот кон ЕУ, како може да се рушат надгробни плочи, да се оштетуваат споменици само затоа што тие го дале животот, но се од друга држава“, рече Јотова.
На новинарско прашање: Зошто Бугарија како членка на ЕУ не ги призна Македонците во Бугарија, Јотова им порача на новинарите да го прочитаат Уставот на државата, додавајќи дека таму нема малцинства и е создадена на индивидуалното самоопределување, а не на колективното. Медиумите во Софија на големо пишуваат за вчерашната посета на Битола и пречекот на премиерот на Бугарија Кирил Петков со транспаренти. Инаку бугарската делегација денеска го посети Дневниот центар за деца со аутизам финансиран од бугарската влада преку проектот „Бугарија развојна помош“, беше отворена канцеларија на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“, а цвеќе положија и на спомен обележјето на трагичната бродска несреќа каде во Охридското езеро се удавија 15 бугарски туристи.
Јовица Пауноски, ТВ21, Охрид.
