Во месецот на љубовта, ЈП „Лајка“ започнува хумана и емотивна иницијатива наменета за сите љубители на животни под мотото „Биди мојот Валентајн за еден ден“. Акцијата има за цел да им овозможи внимание, грижа и топлина на бездомните кучиња кои со месеци, а дел и со години, престојуваат во прифатилиштето без можност да излезат надвор, информираат од ЈП „Лајка“.
Преку иницијативата, граѓаните ќе можат да изберат куче и да поминат еден цел ден со него надвор од прифатилиштето – на прошетка, во парк, на кафе или во посета на локален пет-шоп. На овој начин, кучињата ќе добијат социјализација, промена на секојдневието и чувство на припадност, а јавноста ќе има можност одблиску да ја доживее нивната нежност и благодарност.
Од ЈП „Лајка“ посочуваат дека целта на акцијата е да се истакне значењето на социјализацијата и да се поттикнат емотивни врски меѓу луѓето и кучињата, нагласувајќи дека и краток момент на љубов може да направи голема разлика во нивниот живот.
Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават преку телефонските броеви на претпријатието или преку официјалните профили на социјалните мрежи. Иницијативата е отворена за лица постари од 18 години, при што учесниците ќе добијат јасни инструкции за безбедно и одговорно дружење со кучињата.
