Како што ја водеа кампањата одделно така и ги завршија изборите. Изборната коалиција на СДСМ и Беса резултатите од изборите ги дочекаа секој во својот изборен штаб едните во Белви, другите во Тетово. На вчерашното славење на коалицијата на бината каде што беа собрани сите носители на кандидатските листи, не беше присутен лидерот на Беса Биљал Касами кој воедно беше и носител на шестата изборна единица. Ден по изборите прес конференцијата на Движењето ја одржа портпаролот Аријанит Хоџа.
„Ние ги собиравме резултатите од шестата изборна единица бевме поканети, но заради тоа што во Тетово ни беше штабот, бидејќи шестата изборна единица ја водевме ние заради тоа не успеавме да стигнеме но сме во целосна комуникација и координирани за се. Без разлика на се, ние може да славиме победничка коалиција тоа е најважното во цела приказна и следната влада ќе биде предводена од оваа коалиција“, истакна Аријанит Хоџа.
А токму шестата изборна единица од која СДСМ се надеваше дека гласовите ќе му ги донесе Беса, имаше потфрлање. Заев уште синоќа очекуваше дека ќе добие поголем број гласови.
„Во шестата изборна единица очекуваме уште 30 проценти од гласовите и тоа се доминантно албански средини и средини каде што ни живеат граѓаните Турци и дел ромско население. Верувам дека овде може да се промени мандат по што би имале еден повеќе“, посочи Зоран Заев.
Но, Коалицијата Можеме во шестата изборна единица остана само со 4 мандати. Хоџа вели дека тоа се должи што на овие избори излезноста била помала, иако со истиот процент гласачи ДУИ и Алијанса за Албанците освоија поголем број пратенички места.
„Излезеноста на последните избори 2016 беше милион и сто и нешто илјади овој пат беше многу помалку, значи тука е разликата на излезеноста, а од друга страна јас кажав и на самата прес конференција дека ние презедовме еден ризик предизвикувачки и докажавме дека ја направивме вистинската одлука“, додаде Хоџа.
За споредба – Беса на претходните избори во 2016 година во шестата изборна единица освои 3 пратенички места, а исто толку освои и СДСМ, но на овие избори заедно освоија 4 мандати. ДУИ во однос на претходните избори освои пратеник повеќе и сега има 7 мандати од оваа изборна единица, додека голем скок има Алијанса за Албанците кои претходно имаа 2, сега добија 6 пратеници.
