По 250 милиони евра за општините, и исто толку за стопанските комори, како и нова енергетска инвестиција од 460 милиони евра, се плановите на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН И ЗНАМ во преземањето на реформските чекори за економскиот развој на државата, брифираат извори на ТВ21. Практично ова се плановите како ќе се потроши едната милијарда која како финансиска инекција се планира да се земе како задолжување од Унгарија, по, како што се тврди, многу поволни услови и тоа со каматна стапка од 2,59 проценти и грејс период од 3 години. Мицкоски кажа само дел од она што се планира идната Влада да го спроведе со овие пари.
„Инаку, да, во нашата програма еден од основните столбови е реалоцирање на средствата од централниот буџет кон буџетите на општините. Целта на оваа наша активност е да ја доближиме работата на Владата до што е можно поголем број домаќинства, преку реализирање на проекти кои што се од огромно значење на граѓаните, како што се нови булевари, улици, канализациони системи, ни 20 проценти од територијата или од потребите на граѓаните не е поврзана со канализација“, вели Мицкоски.
Мицкоски вели дека од проектите кои се важни за граѓаните ќе бидат и оние за вода за пиење, нови градинки, училишта, паркови. Рече дека со ребалансот на буџетот кој го најави за втората половина на јули ќе се одвојат половина од сумата односно околу 125 милиони евра за кои општините во првата половина на септември ќе треба да достават свои проекти. Најави и инвестициски проект во делот на енергетиката за што ќе бидат наменети 460 милион евра, а која ќе произведува 1 терават часови електрична енергија годишно. Неофицијално, се работи за ветерен парк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш.
„Очекувајте огромен инвестициски проект во делот на енергетиката, никогаш досега немало во регионот, да не зборувам во Македонија, очекувајте две големи странски инвестиции и проширување на две веќе присутни странски инвестиции овде во Македонија во првите 100 дена. Очекувајте многу убави и позитивни работи нешто што граѓаните го очекуваат од нас“, порача Христијан Мицкоски.
Но економските експерти се скептични во однос на задолжувањето. Универзитетскиот професор Ванчо Узунов предупредува да се внимава при земањето на толкав заем.
„Кога некој ви нуди милијарда, туку – така на невидено, отворете не 4 туку 44 очи. Тоа е автоматски многу опасно. Зашто на Мицкоски му ја понудил, затоа што ќе ја презема власта? Дали е добронамерно или злонамерно тоа треба да си одговори Мицкоски“, вели Ванчо Узунов.
Инаку, од даночен аспект, новата Влада планира и намалување на данокот на добивка и тоа до 5 проценти, доколку добивката се реинвестира.
