Обвинителниот акт е обичен памфлет, а теоријата за каузалитет е огромна глупост. Ова во воведните зборови го изјави Петре Шилегов адвокат на обвинетиот Шефкет Хазири вработен во Министерството за економија во случајот со трагедијата во Кочани. Обвини за селективност во постапката, и за нелогичност во обвинението. Лиценцата се издава секоја година и со тоа прекинува важноста на претходната и не може онаа издадена од 2013 да има правна важност, за работа на дискотеката – рече Шилегов.
„Обвинителе, ако ни тврдите на нас дека постои тој јавашлук што правевте вие 13 години во Кочани? Што правевте: Ако ја прифатиме вашата теорија, тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт. Мислам дека Обвинителството треба да го повлече предметот, квалитетно да го сработи“, рече Шилегов.
Во обраќањето пак на Еленко Миланов, адвокат на Зоран Николовски поранешен вработен во Министерството за економија, тој рече дека Николовски во 2013 година кога било барањето за лиценца барал мислење од Државниот пазарен инспекторат дали се исполнети сите услови. Првиот пат ДПИ одговорило негативно, при што Николовски ја одбил лиценцата, а по второто барање добил позитивен одговор од ДПИ по што била дадена согласност за исполнување на условите.
„Не мораше да бара записник од ДПИ. Побара. Која е кривичната одговорност или каузална врска со ова постапување на Зоран Николовски со настанот во 25-та година, на овој пожар“, рече Миланов.

На денешниот судски процес покрај за Хазири и Николовски воведни обраќања имаа и бранителите на Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ сите вработените во Министерството за економија. Воведни зборови имаа и бранителите на пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, како и обвинетиот Александар Нацев, сопственик на Агенцијата за обезбедување Рубикон.
