Како работат европските Парламенти во услови на пандемија?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според истражувањето на Парламентарниот институт од јуни оваа година во Албанија пленарните седници се одвиваа на далечина со употреба на софтвер од надворешен давател на услуги.

Во Австрија одржување на седници со употреба на електронски средства не се дозволени во Сојузниот устав или во Деловникот за работа, па Парламентот мораше да донесе правилници за да се почитуваат препораките за хигиена и безбедност.

Претставнички дом на Белгија во март го измени својот Деловник за да им овозможи на членовите, под одредени услови, да се сметаат за „присутни“ на избраните комитети и пленарни седници дури и кога не се физички присутни и да гласаат електронски или преку е-пошта.

Парламентот на Хрватска, се конститутираше пред некој ден, го ограничи одржувањето на пленарните седници и комисии. Донесени се посебни мерки за да им се овозможи на пратениците да гласаат со употреба на електронски средства. Комисиите гласаат преку е-пошта или СМС-порака. По Велигден, Парламентот продолжи со работа во зградата на Парламентот, кој беше саниран откако беше оштетен во силниот земјотрес од 22 март. За прв пат гласањето на пленарната сесија се одржа во три различни сали со цел да се обезбеди социјално дистанцирање.

Пленарните седници во Парламентот на Чешка во моментот на истражувањето не се одржуваат. Одржувањето на комисиите е намалено или откажано и само мал број од нив се одвиваат со употреба на електронски средства. Не постои правна рамка за одржување на состаноци на далечина. Гласањето со употреба на електронски средства е можно, но мора да се направи видливо. Користениот софтвер е Вебекс и е хостиран внатрешно.

Седниците во Парламентот во Данска се одржуваат само за итни работи со намален број пратеници. Бројот на состаноци на Комитетот е намален и се одвива преку видео – конференција. Од 20 април, Парламентот на Данска постепено почнува со нормално функционирање.

Парламентот на Естонија ја реорганизира својата работа. До 1 мај се разгледуваа само критични прашања. Парламентот одржува седници само во понеделник.

Во Франција се имплементирани специфични методи на работа. Ваквите методи вклучуваат: суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи и прашања до владата; намален формат за седници, ограничен на три лица по политичка група, претседател плус двајца пратеници и слично.

Во германскиот Бундестаг има намалување на потребниот праг за гласање во Парламентот, од потребната половина од вкупниот број на пратеници за донесување на законско обврзувачки решенија на четвртина од пратениците на Бундестагот. Присуството на четвртина од сите членови ќе го задоволи ова барање, по новиот став 126 а, што ќе се додаде во Деловникот за работа на Буднестагот.

Парламентот на Унгарија продолжува да одржува редовни неделни седници, со одредени мерки на безбедност: обезбедување на физичко растојание на пратениците со одржување на пленарни седници во сала со поголем капацитет за седење, со барање пратениците да останат само во пленарната сала за времетраење на нивните излагања или гласање.

Во Италија работата на пратениците се организира преку нивно сместување во различни згради со цел да се обезбеди потребното ниво на социјално дистанцирање.

Во Исланд бројот на пратеници на пленарните седници на Парламентот е намален, врз основа на договор меѓу парламентарните групи. Во моментот се постапува само по итни прашања. Гласањето со употреба на електронски средства, т.е. гласање на далечина не е можно според сегашните постојани одредби (утврдени со закон во Исланд) и Уставот на Исланд. Како резултат на тоа, гласањето на пленарните седници внимателно го почитува социјалното дистанцирање. Од 21 март, целото учество на состаноците на Комисиите е на далечина со употреба на електронски средства.

Во Летонија седниците се одржуваат во осум одделни парламентарни простории за да се обезбеди социјално дистанцирање.

Парламентот на Луксембург го намали бројот на седници. Тие се одвиваат во просториите на Парламентот или на далечина, со употреба на електронски средства. Заедничките состаноци на комисиите нема да се одржат одреден период. Гласањето исто се одвива со употреба на електронски средства односно истото се врши со повик.

Во Норвешка намален е бројот на пленарни седници, се одржуваат седници само по итни прашања, бројот на Комисии е исто намален и предност е дадена на работењето на далечина, со употреба на електронски средства.

Парламентот на Словенија одржува само вонредни седници и повеќето состаноци на комисиите се одложени. Се испитуваа опции за одржување состаноци на комисиите со помош на видео конференција. Повеќето вработени во Парламентот работат од далечина, со исклучок на основниот персонал и оние што се потребни за непречено одвивање на Парламентот.

И во двата дома на Парламентот на Шпанија (Сенатот и Конгресот), пратеничката функција се одвива преку т.н. гласање од далечина преку употреба на електронски средства за пленарните сесии одржани за време на кризата предизвикана од корона-вирусот.