Во тивко кафуле познато по бесплатниот Wi-Fi и доброто кафе, руска дизајнерка на ентериер се поврзува на виртуелна приватна мрежа (VPN) за да може да разговара со пријатели во странство преку американската апликација WhatsApp, која е блокирана во Русија, пишува Ројтерс во сторија за начините како Русите ја прескокнуваат комуникациската цензура и блокада наметната од институциите.
„Подоцна го исклучува VPN за да купи билет преку веб-страницата на Руските железници, која не дозволува пристап за корисници што користат алатки за прикривање на локацијата. Потоа зема втор телефон за да ги провери пораките од клиентите на државно контролираната апликација MAX“ пишува во сторијата на Ројтерс.
Откако Кремљ годинава ја засили контролата врз интернетот, Русите сè повеќе користат сложени технички решенија за да го избегнат државниот надзор и ограничувањата на популарните странски апликации како WhatsApp и Telegram.
Најголемата ваква акција за ограничување под претседателот Владимир Путин понекогаш предизвикувала прекини во банкарството, транспортот и електронската трговија, што ги иритирало граѓаните во пресрет на парламентарните избори во септември, според изјави на проруски опозициски партии, познати блогери и деловни лидери. Дури и некои инфлуенсери, кои обично избегнуваат политика, ги критикувале ограничувањата.
Фрустрацијата поради овие мерки – заедно со растот на цените, зголемувањето на даноците и заморот од војната – според многумина придонела за пад на рејтингот на Путин, кој според државниот центар ВЦИОМ паднал од 75,1% во февруари на 65,6% во април – најниско ниво од почетокот на војната во Украина во 2022 година. Сега повторно изнесува речиси 67%.
Властите ги охрабруваат Русите да користат домашни алтернативи на странските апликации и веб-страници во име на „дигиталниот суверенитет“. Но дел од корисниците се претпазливи по предупредувањата од критичари на Кремљ и некои западни технолошки компании дека MAX би можела да се користи за следење на корисниците – нешто што компанијата VK, сопственик на апликацијата, го негира.
Ирина, 41-годишната дизајнерка, вели дека чувањето на апликацијата на втор телефон изгледа побезбедно.
„Секако дека сето ова е огромна мака, но што друго можеме да направиме? Се навикнуваш и поминуваш денови вклучувајќи и исклучувајќи VPN, менувајќи апликации за пораки и префрлувајќи се меѓу различни виртуелни држави или телефони за да ги користиш апликациите и страниците што ти требаат.“
Зголемена употреба на VPN
VPN сервисите функционираат така што интернет-врската на корисникот ја пренасочуваат преку приватни сервери надвор од Русија.
Само во март имало 9,2 милиони преземања на петте најпопуларни VPN-сервиси преку Google Play – 14 пати повеќе отколку истиот месец лани, објави рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на податоци од консултантската компанија Digital Budget.
„Никогаш досега не сме виделе вакво темпо на користење“, изјави за Ројтерс Саркис Дарбинијан, активист за интернет слободи со седиште во Лисабон. Инаку, Москва го означи Дарбинијан како „странски агент“, термин што го користи за лица што ги смета за вклучени во анти-руски активности.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повеќепати изјави дека интернет-контролите се неопходни додека Русија е во, како што велат властите, егзистенцијален судир со Западот околу Украина.
Сепак, Путин во април ја повика владата да биде повнимателна, оценувајќи дека е „контрапродуктивно“ да се фокусира само на забрани и ограничувања.
Владините претставници не одговориле на прашањата за оваа статија, посочуваат од Ројтерс.
Иако многу авторитарни земји воведуваат строги ограничувања на интернетот, Русите долго време беа навикнати на одреден степен на онлајн слобода. Безбедносните служби со години се обидуваа да ги замолчат домашните критичари, но властите ретко се мешаа во користењето странски апликации или пристапот до западни медиуми пред војната во Украина.
Од минатата година, безбедносната служба ФСБ – наследник на советската КГБ – им наредувала на телекомуникациските компании да го исклучуваат мобилниот интернет со денови во различни региони, со образложение дека украинските дронови можат да го користат за навигација. Властите исто така блокирале или забавувале пристап до сè поголем број апликации и веб-страници, за кои државниот регулатор Роскомнадзор тврди дека содржат нелегална и екстремистичка содржина.
WhatsApp и Telegram ја обвинија Русија дека се обидува да ги натера луѓето да користат помалку безбедни апликации поддржани од државата.
Прекините се засилиле во март со речиси тринеделен прекин во Москва, што предизвикало незадоволство и кај високи функционери кои зависат од интернетот и Telegram за мобилизација на гласачите за владејачката партија Единствена Русија.
„Прашањето не е дали режимот ќе го обезбеди посакуваниот резултат – ќе го обезбеди – туку дали изборниот процес ќе помине мирно“, напиша во април аналитичарката Татјана Становаја.
Извори блиски до Кремљ изјавиле дека дури и лојални државни функционери користат VPN и носат повеќе телефони за да ги одвојат државните апликации како MAX од остатокот од нивниот дигитален живот. Некои дури ги отстрануваат микрофонот и камерата од уредите со инсталиран MAX од страв дека ФСБ може да има пристап до нив.
„Дури и ако не правиш ништо сомнително, никој не сака ФСБ да му ги чита пораките“, рекол еден извор за Ројтерс.
„Игра на мачка и глушец“
Специјалниот претставник на Путин, Кирил Дмитриев, не се обидува да го сокрие користењето VPN и редовно објавува на платформата X, до која во Русија не може да се пристапи без VPN.
Иако користењето VPN не е незаконско, Роскомнадзор ограничил пристап до стотици вакви услуги, создавајќи постојана „игра на мачка и глушец“ со корисниците. Во април државните институции, банките и големите онлајн продавници почнале да им забрануваат пристап на корисниците што имаат вклучен VPN. Овој потег се совпаднал со пад од 10% на интернет-сообраќајот кај Wildberries – рускиот еквивалент на Amazon.
Според Digital Budget, многу корисници не го исклучуваат VPN за да пристапат до страниците и едноставно губат интерес за купување ако не можат да ја отворат страницата на производот.
Процентот на Руси кои признаваат дека користат VPN пораснал од 23% во 2022 година на 36% годинава, според независниот центар Левада. Помладите и технолошки поискусни корисници понекогаш им купуваат VPN-претплати на родителите или поставуваат сопствени решенија. Но многумина сепак претпочитаат апликации и страници што функционираат без нив.
MAX, лансирана минатата година, во мај имала повеќе од 85 милиони дневни корисници, според нејзиниот сопственик.
Во анкети на улиците кај Бољшој театар во Москва, дел од граѓаните изразиле незадоволство од дигиталната средина, додека други рекле дека се приспособиле и не користат VPN.
Кога навигациските апликации престанале да работат во Москва во март, доставувачите на Flowwow користеле Wi-Fi од продавници за да ги преземат маршрутите до клиентите.
Продажбата на хартиени карти во главниот град се зголемила повеќе од двојно за време на прекинот.
Со растечкото незадоволство, Кремљ последните недели ја ублажи реториката, уверувајќи ја јавноста дека исклучувањата на мобилниот интернет се привремени.
Планот мобилните оператори дополнително да наплатуваат за користење повеќе од 15 гигабајти странски интернет-сообраќај месечно бил одложен во мај, а според руските медиуми мерката веројатно ќе се воведе по изборите.
Путин исто така побарал владата и ФСБ да соработуваат за критичните услуги – како здравствените платформи и системите за онлајн плаќање – да останат функционални.
Но Ирина не очекува дека нејзиниот дигитален живот наскоро ќе стане полесен. „Во Русија имаме една изрека: Ништо не е потрајно од привременото.“, изјави таа за Ројтерс.
