Во изјавата на премиерот Мицкоски што ја даде од Вашингтон за договорениот заем од 500 милиони евра од Унгарија нема образложение која е причината што наместо најавуваната милијарда сумата е преполовена. Тој претходно на големо ја најавуваше оваа милијарда која покрај за општините и бизнис секторот другата половина требаше да биде за инвестиции. Во интервјуто на Мицкоски што Ал Џезаира го објави доцна синоќа, а очигледно е снимено пред неговото заминување за Соединетите Американски држави, премиерот објаснува како ќе се троши таа милијарда.
„Значи 250 милиони евра ќе бидат дадени на располагање на бизнисот под истите услови што се многу поконкурентни од пазарните. 250 милиони евра ќе бидат алоцирани за капитални инвестиции во општините, во следната 2025 година. и останатите 500 милиони ќе ги искористиме за враќање на еврообврзницата која што ја има земено претходната влада во време на ковид пандемијата под исклучително тешки услови“, вели Христијан Мицкоски.
Но Мицкоски од Вашингтон по склучувањето на договорот со унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека половината милијарда евра ќе бидат наменети за бизнисот и општините. Но, за еврообврзницата, која всушност доспева за враќање на 25 јануари идната година, практично и нема да има пари. Дали со посебниот договор за специјална економска соработка со Унгарија, Владата до крајот на годинава ќе подигне уште половина милијарда евра за да ја исплати еврообврзницата, Мицкоски не даде детали.
За земањето на заемот се огласи и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој ја оцени дека таквиот договор е штетен и ја става земјава во заложништво на Унгарија.
„Овој кредит кој што е очигледно договорен во четири очи, кредит од 500 милиони евра од Унгарија, отвора многу прашања а најважното од сите е во која насока ќе се движи земјава во следниот период. Од економски аспект гледано, овој кредит воопшто не е поволен. Владата на Социјалдемократскиот сојуз во изминатиот период даде кредит кон стопанството од 250 милиони евра преку Европската банка за развој и тој кредит беше со каматна стапка само од 1,6 проценти, со споредба со овој кој што сега се нуди со каматна стапка од над 3 проценти“, вели Венко Филипче.
И економските експерти оценуваат дека со самото тоа што го најавија како една милијарда, а потоа излезе дека е половина, Владата на чело со Мицкоски работи импулсивно. Тие оценуваат дека нема конкретен план како ќе се трошат парите за општините, а додека делот наменет за бизнис секторот е непотребен, бидејќи компаниите и онака не сакаат да се задолжуваат.
