Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 оцени дека Македонија се соочува со сериозен проблем на низок животен стандард и дека земјата реално припаѓа меѓу најсиромашните држави во Европа.
„Едноставно, Македонија е една од најсиромашните држави во Европа. Тоа е животниот стандард и ние треба да се соочиме со тој факт“, истакна Миноски, нагласувајќи дека првиот чекор кон напредок е искрено и отворено признавање на реалната состојба.
Според него, соочувањето со реалноста е основен предуслов за креирање ефективни економски политики, но прашањето, како што посочи, е дали таквиот пристап навистина постои во јавниот дискурс и кај носителите на одлуки.
„Првиот чекор во процесот на учење е соочување со реалноста. Прашањето е дали во јавноста навистина оди тој став или продолжуваме да ја игнорираме состојбата“, рече Миноски.
Тој се осврна и на разликите во економскиот раст меѓу земјите, потенцирајќи дека повисоките стапки на раст се поочигледни кај помалку развиените економии, додека кај поразвиените земји е нормално растот на бруто-домашниот производ да биде понизок.
„Кога се зборува за економски раст, треба да се има предвид нивото на развој. Поразвиените економии природно растат со пониски стапки, токму затоа што веќе имаат високо ниво на развој“, заклучи поранешниот министер за финансии.
