Флоријан Бибер, професор и добар познавач на состојбите во земјава вели дека самиот факт што Бугарија стави вето за почеток на преговорите на Македонија, во време кога со Унијата претседаваше Германија, не дава оптимистички прогнози дека тоа би се случило во скоро време. Сепак додава дека најдобро е да се почека да се формираат Влади во Бугарија и во Германија.
„Знаете, може треба да се почека Бугарија да има стабилна Владата, Германија да има стабилна Влада, само тогаш би можело да се очекува поголемо поместување. Треба да се плати цена, а цената е превисока, Бугарија треба да се повлече, но како гледаме тоа за сега не се случува. Германија претседаваше со Унијата кога Бугарија го приложи своето вето. Кога германското претседавање не успеа да го промени тоа не мислам дека било кој друг би бил способен да го промени, затоа ни требаат нови влади да ја откочат оваа динамика за жал“, рече професорот Флоијан Бибер.
Според екс претседателот на Еуротинк Љупчо Петковски проблемот за нашето членство е во Бугарија и затоа мораме напорите да ги вложиме натаму за проблемот да го решиме.
„Ако проблемот е во Софија проблемот ќе го решиме во дијалог со Софија. Не можеме да спиеме на увото дека некој голем ќе ни ја заврши работата особено поучени од искуството со Атина“, посочи аналитичарот Љупчо Петковски.
Курт Басинер, аналитичар и член на Совет за демократски политики, пак не е толкав песимист за евроинтеграциските процеси на земјава. Но, колку тука може да помогнат Соединетите Американски Држави тој вели дека не е убеден многу во тоа.
„Не би очекувал во овој момент. Би сакал да го видам и се уште се надевам дека ќе дојде, но проблемот е во тоа што имаше еден бирократски автопилот од континуирана политика која сме ја гледале од страна на високите претставници на Стејт департментот која беше доста трансакциска“, истакна аналитичарот Курт Басниер.
Во емисијата стана збор и за идејата за одвојување на Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет, за кој соговорниците рекоа дека тоа европските земји тешко ќе го прифатат.
