Европската унија остро ги критикуваше последните потези на рускиот претседател Владимир Путин, при што шефицата на европската дипломатија Каја Калас оцени дека рускиот лидер се наоѓа во „послаба позиција од кога било досега“.
Говорејќи пред медиумите во Брисел, Калас ги осуди повиците на Путин за прекин на огнот за време на одбележувањето на руската воена парада, нарекувајќи ги „многу цинични“. Според неа, додека Москва повикува на примирје, руските сили продолжуваат со нападите врз цивили во Украина.
„Многу е цинично да се бара прекин на огнот за да се заштити парадата, додека во исто време продолжуваат нападите врз украински цивили“, изјави Калас.
Таа исто така ја отфрли можноста поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде посредник во евентуални мировни преговори меѓу Русија и Украина. Калас потсети дека Шредер долго време бил поврзан со руски државни компании и оцени дека неговата улога не би била неутрална.
„Не би било мудро Русија да има право да назначува преговарач од наша страна“, нагласи таа, додавајќи дека Путин би сакал Шредер да биде посредник бидејќи „би седел на двете страни од масата“.
Калас предупреди и на поширокото руско влијание во Европа, тврдејќи дека Москва активно се обидува да го зголеми своето присуство во различни сфери на европското општество. Како примери ги наведе спортските организации и културните настани, каде, според неа, Русите повторно добиваат простор „како ништо да не се случило“.
„Нашите противници не спијат. Тие постојано работат на зголемување на своето влијание во Европа, а ние мораме да останеме внимателни“, порача шефицата на европската дипломатија.
