Калин Ивановски го освои Macedonian Open во Скопје и ја освои првата титула по две години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонскиот тенисер Калин Ивановски триумфираше на годинашното издание на турнирот Macedonian Open во Скопје, откако во возбудливо финале го совлада Украинецот Владислав Орлов со 2-1 во сетови (6-1, 0-6, 6-2).

До титулата Ивановски стигна по два часа и 30 минути игра, освојувајќи го првиот трофеј по јули 2023 година и испраќајќи силна порака дека успешно се враќа по повредата што го оддалечи од терените кон крајот на 2023 година.

Македонскиот тенисер одлично го отвори мечот. По израмнетите почетни гемови (1-1), направи два брејка и со сигурна игра, крунисана со ас-сервис, го доби првиот сет со убедливи 6-1.

Во вториот сет следуваше целосен пресврт. Иако Ивановски имаше две брејк можности уште во воведниот гем, Орлов успеа да се извлече, а потоа целосно ја презеде контролата. Украинецот направи брејк за водство од 2-0 и не му дозволи на македонскиот тенисер да се врати во игра, освојувајќи го сетот со максимални 6-0.

Решавачкиот трет сет донесе голема борба. Клучниот момент се случи во вториот гем, кога Ивановски на свој сервис спаси три брејк-топки по маратонска размена од 20 поени и израмни на 1-1. Веднаш потоа направи брејк за водство од 2-1, а со уште еден одземен сервис во седмиот гем ја зголеми предноста на 5-2. Во последниот гем рутински го приведе мечот кон крај и заслужено стигна до победничкиот пехар.

За Ивановски ова беше 11-то финале во професионалната кариера и шеста освоена титула, воедно и прва по триумфот во австрискиот Крамзах во јули 2023 година.

Со триумфот на Macedonian Open, македонскиот тенисер освои 25 АТП поени и парична награда од 4.065 американски долари.

Ивановски продолжува со одличната серија резултати по враќањето на терените. Од почетокот на сезоната има 13 победи и само еден пораз, со две финалиња на турнирите од М25 серијата, како и четири победи во настапите за македонската Дејвис куп репрезентација.