Камионџиите повторно на блокади на границите? – Проблемот со рестриктивниот престој и натаму им создава проблеми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските превозници повторно се соочуваат со проблеми со рестриктивниот престој во земјите на Европската унија. Иако претходно беше постигнат договор, тие велат тоа воопшто не се почитува и од септември кога им истекува дозволениот престој во земјите од шенген зоната многумина од нив ќе се соочат со проблемот да не можат да влегуваат во Европската унија. Со ова се соочуваат не само македонските туку и превозниците од земјите на регионов како што се Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Билјана Муратовска од Макам Транс за ТВ21 изјави дека утре на заеднички состанок ќе изградат став какви мерки ќе преземат, што не е исклучено повторно да се организираат блокади на границите. Овој пат тие можат да бидат и порадикални со сите клучни точки на Западен Балкан со што ќе запре и снабдување меѓу ЕУ и Југоисточна Европа.

„Се е можно, значи не е ништо надвор од договор меѓутоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. И утре се собираме секој на своја страна со искуствата на терен што ги има, да можеме да изградиме некоја стратегија подобра отколку што е во моментот. Бидејќи сите имаме на некој начин различни случаи“, порача Билјана Муратовска.

Проблемот трае од октомври минатата година кога Европската унија започна со рестриктивни одредби за престој да важат и за камионџиите од земјите надвор од ЕУ. Иако во април годинава беше постигнат договор со кој беше предвидено бришење на претходно поминатите денови во шенген земјите возачите велат дека тоа не се применува.

„Кај нас има случаи да на неколку гранични премини погрешни денови, кои што им се слободни на возачите, според електронскиот систем, тоа го пријавивме, го пративме исто во Брисел. На пример во Хрватска им велат имаат уште 15 дена, во Маџарска им велат уште 10 дена, што е различно“, вели Билјана Муратовска.

На почетокот на годинава превозниците од регионов организираа блокади на границите со што се запре камионскиот превоз низ Западен Балкан. По неколкуте преговори беше постигнат одреден договор кој не е трајно решение, но се покажа дека и тоа не се почитува.  Пред извесно време, министерот за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека Македонија самостојно го решава правилото 90/180 кое се однесува на претстојот на возачите во ЕУ. Во јули месец тој изјави дека со осум земји овој проблем е решен, меѓу кои Швајцарија, Хрватска, Романија, Бугарија, Грција, а во финална фаза бил договорот со Словенија, Австрија и Германија.