Кампањата уште не почната партиите со жестока реторика – тврдат ќе водат позитивна кампања, но не запираат критиките и обвинувањата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе водиме позитивна кампања. Ова веќе стана флоскула со која партиите излегуваат пред секоја изборна кампања но скоро никогаш не пропуштаат да се напаѓаат и оцрнуваат меѓусебно.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека тие ќе се фокусираат на потребите на граѓаните, на многу проекти и решенија за проблемите, но не пропушти да ги искритикува  кандидатите на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори официјално ќе нема свој кандидат за Скопје, бидејќи застанаа во поддршка на независната кандидатура на Даниела Арсовска, но за кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов бара да се провери неговиот имот.

Мицкоски најави дека до крајот на неделава ќе одржат седница на Извршниот комитет по што ќе се знаат и останатите кандидати за градоначалници.

„Ние планираме да водиме позитивна кампања, не планираме да се занимаваме со тоа колку градоначалниците на СДСМ И ДУИ се лоши и неспособни бидејќи тоа граѓаните го знаат и нема што ново да кажуваме, тоа е исто како да зборуваме за минатогодишниот снег. Доколку некој од другите учесници од оваа кампања планира да води ваква кампања ад хоминем и кампања со ниски страсти со многу навреди, со многу мизогинија и со многу би рекол лоши работи, тогаш тоа е нивна одлука“, истакна Христијан Мицкоски.

И СДСМ со став дека и тие ќе водат позитивна кампања, но и оттаму со обвинувања кон нивниот политички противник.

„Фокусот на оваа кампања секако ќе биде интересот на граѓаните. Црнила, мракови, лажни вести, деструкција, блокади, кочници, злоба, етикетирање тоа е се одлика на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е партија која што воопшто не е реформирана и секако и во оваа кампања не можеме од нив да очекуваме ништо повеќе. Тоа не е обвинување, тоа е еден апел уште еднаш да се однесуваат конструктивно и да се вклучат навистина во позитивна кампања не само за локалните избори и не само за избори“, вели Богданка Кузевска.

Изборната кампања на овие локални избори започнува 27 овој месец, односно 20 дена пред денот на гласањето закажано за 17 октомври.