Кандидатите за претседател ги собираат потписите – Мицкоски: Потписите се купуваат со пари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓани и активисти се собраа да ја поддржат кандидатурата на Арбен Таравари за Претседател.

Албанската опозиција ВРЕДИ денеска почна со собирање потписи за нивниот претседателски кандидат, Арбен Таравари. Првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши е оптимист дека 10.000 потписи можат да ги соберат уште првиот ден. Тој ги повика сите граѓани во духот на единството да дадат поддршка за кандидатот кој е поддржан од повеќе партии.

-Имаше многу добра, позитивна атмосфера, луѓето со добра волја се потпишуваат. Веруваме дека многу брзо, можеби денес може да заврши сѐ, но ќе видиме се работи за 10 илјади луѓе, не се малку. Во духот на албанското национално единство ги повикувам гласачите на ДУИ да го поддржат г. Таравари-вели Гаши.

ВРЕДИ собира потписи и во Тетово, Биљал Касами вели дека потписите би се собрале за еден ден доколку ДИК има повеќе капацитети.

-Промената веќе започна, оваа промена не може да ја запре ниту власта,ниту Русија ниту било кој друг, промената доаѓа а таа промена ќе ја направи ВРЕДИ. Ние денеска официјално почнавме со собирање потписи, некои граѓани кога добија информација се потпишаа и за време на викендот, но немаме информации колку се потпишале преку викенд, но официјално значи денеска, ние како коалиција денеска почнавме со собирање потписи-рече Касами.

Од друга страна и ДУИ е убедена дека уште денеска ќе заврши собирањето потписи за нивниот кандидат Бујар Османи за кого велат дека води на листата за собирање потписи.

-Гледаме голема поддршка за кандидатурата за доктор Бујар Османи, дека има голема поддршка говорат и бројките, прворангиран е на листата од сите оние кои изразија претензија да бидат кандидати за претседател-изјави Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потписите за кандидатката Гордана Силјановска Давкова ќе почне да ги собира од 3 март. Инаку Христијан Мицкоски ги критикува противниците за купување потписи.

И кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски ќе започне со собирање потписи на 3 март по партискиот конгрес.