После маркетите, утврден картел и во осигурителниот бизнис. Комисијата за заштита на конкуренцијата казни десет осигурителни компании со вкупна глоба од 280.000 евра. Меѓусебно се договарале и лани ја поскапеа регистрацијата на возилата, преку зголемување на цената за полисата за автомобилска одговорност. Тоа е задолжителната полиса што секој сопственик на возило мора да ја плати при регистрација.
-Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток, велат од КЗК.
Според Комисијата десетте осигурителни компании извршиле најтешка форма на повреда на Законот за заштита на конкуренцијата.
–Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането, велат од КЗК.
Претходно КЗК утврди картел и кај маркетите. За картелско здружување и договарање цени казни четири големи ланци на маркети со по 50.000 евра, како и Сојузот на стопански комори со 18.000 евра. Инаку, двете постапки и за маркетите и за осигурителните компании Комисијата ги започна пролетва.
