Касами бара ДУИ да не слави во Тетово! „Трошоците за пејачите се злоупотреба на јавните фондови“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ по повод 20-годишнината на партијата предвиде два концерта – еден во Скопје и еден во Тетово. Концертот во Тетово, според програмата треба да се одржи на 4 јуни на плоштадот „Илирија“ . Но, градоначалникот Биљал Касами, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 ја повика ДУИ да не ја организира прославата во Тетово поради последните немили настани со поплавите и пожарот кој вчера избувна во фабрика.


-Дозволете ми од тука да ѝ упатам пријателска покана на ДУИ, да не оди по паметот на Артан Груби и на 4-ти јуни да слави во Тетово по сето она што му се случи на Тетово и на тетовци во овие три трагични дена. Да размислат и да не ги провоцираат тетовци како што ги провоцираа на фудбалски натпревар кога предизвикаа отворен конфликт меѓу Скопје и Тетово. Посакувам и се надевам да не ја следат истата стратегија само за еден човек да ја зацврсти својата позиција во одредена навивачка група и да направи толку длабок раздор меѓу Албанците, вели Касами.

Но, ДУИ за саботната прослава која е предвидено да се одржи на плоштадот „Илирија“ ги покани изведувачите: Тајна, Нора Истрефи, Гетоар Селими, Љуми Б, Бута и С4ММИ. Касами, вели дека ДУИ овие трошоци ги прави со злоупотребени пари од јавни фондови и дека прославата е провокација за тетовци.

-Зошто велите дека е провокација ако на 4 јуни во Тетово дојде Артан Груби на најавената прослава?

Б.К.: Парите што ги трошат за ангажирање пејачи, кои сите знаеме дека не доаѓаат без пари, се средства кои се злоупотребени од нивното 8-годишно раководство. Ние видовме колку многу го оштетија џебот на тетовци и сите тие проекти кои имаат бројни недостатоци ги реализираа само за да го зголемат своето богатство. Во овој случај, парите не ги даваат од нивен џеб, туку повторно ќе бидат злоупотребени од јавни фондови. Тие сакаат да слават, но јас не гледам која е причината да дојдат и да слават токму во Тетово.

Во врска со повикот и обвинувањата на Касами, коментар побаравме и од Артан Груби, но не добивме повратен одговор. Инаку, ДУИ неодамна објави видео во кое политичари и аналитичари говорат за 20-годишниото патување на ДУИ.


-Постигнат е напредок од позитивна нула кога станува збор за правата на Албанците благодарение на борбата и секако на ДУИ која е моќна на политичката сцена. Кога велиме ДУИ, не можеме а да не го спомнеме нејзиниот лидер, Али Ахмети кој е доминантна јавна фигура во овие 20 години, не само кај албанскиот, туку и кај македонскиот блок, вели Максути.

Прославата на ДУИ стартува в петок на 3 јуни на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.